Македонски ученици палат клупи, ги фрлаат низ прозорец, кршат врати, пушат, се снимаат и постираат на „Инстаграм“! Групата веќе брои 15.000 члена

Македонски ученици палат клупи, ги фрлаат низ прозорец, кршат врати, пушат, се снимаат и постираат на „Инстаграм“! Групата веќе брои 15.000 члена

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Најлудите Школски Видеа. Доколку сакате и вашето видео да биде објавено, пратете ми го. Придружи ѝ се на армијата од 15.000 Багабонти“, пишува во описот на групата.

Група на „Инстаграм“ која се вика „Crazy.school.videos.mk“ објавува видеа од македонски ученици кои намерно дивеат во училници и кршат училиштен инвентар, се смеат и сето тоа го снимаат. Но, доведуваат во опасност и многу други ученици.
Групата веќе има 100-ина постови и 15.000 члена. Некои од видеата се позајмени од странски земји, но на некои веднаш може да се утврди дека станува збор за македонско училиште бидејќи учениците зборуваат на македонски јазик. „Ќе ги запали брат, ќе ги печи, нафора“, коментира ученик додека друг пали со запалка некоја црна материја на клупата. Проблемот е што групата секојдневно се зголемува, а админите повикуваат и други ученици да снимаат вакви видеа и да им ги испраќаат за да ги објават.


Групата брои над 15.000 членови

„Најлудите Школски Видеа. Доколку сакате и вашето видео да биде објавено, пратете ми го. Придружи ѝ се на армијата од 15.000 Багабонти“, пишува во описот на групата.

На видеата се гледа како ученици намерно кршат столчиња, клупи, ги фрлаат од прозорец, палат училишна клупа, со глава кршат врати. Се смеат додека снимаат.

На видео постирано на 11 ноември, додека група ученици ја пеат навивачката песна „Излези момче право на тераса“, во училницата е и професорка. Но, тие ги трескаат мониторите од компјутерите и тастатурите додека навиваат.


Во присуство на професорка ги удираат тастатурите од клупа додека пеат

На едно од видеата двајца ученици пеат песна, едниот игра, а во заднина се гледа професорка која продолжува да пишува нешто на таблата, како ништо да не се случува. На друго видео си играат погреб, еден е поп и пее на македонски јазик, има и замислен мртовец кој го носат на училишна клупа.


Кршат клупа и се смеат


Редат столчиња, па фрлаат едно за да паднат сите

На друго видео ученик фрла столче од прозорец, а на трето - цела клупа, кои се кршат на парчиња. На некои од видеата редат столчиња, па фрлаат едно за сите да паднат на подот. На друго видео една ученичка е пикната во самата клупа, друга е легната на горниот дел, а неколку ученици ја изнесуваат клупата во холот, па потоа ја расклопуваат за да може да излезат. На трето видео ученик пали училишна клупа, а снимени се и и како пушат во училница.


Ученик фрла клупа од прозорец во училишниот двор


Столчето за малку ќе завршеше над главата на некој од учениците во дворот

Две ученички ги изнесуваат во холот, едната е легната внатре во клупата

 
Разговаравме и со неколку директори на училишта за тоа каква е процедурата при вакви ситуации.
Директорот на средното „Михајло Пупин“ од Скопје, Димитар Ѓорѓиев, ни објасни дека тие немале ваква ситуација, но дека сите училишта имаат Кодекс на однесување.

- Во тој Кодекс е пропишано и какви се казните за учениците, од опомена до исклучување. За вакви дела какви што ми опишавте секако дека би следувале санкции. Но, проблемот со проблематичните ученици е тоа што практично знаат дека не може да се исклучат целосно од училиште бидејќи средното е задолжително. Ако треба да се отстрани ученик, ќе мора да продолжи во друго средно. Останува да се работи со нив, со стручен тим од училиштето, и да одат на советување заедно со родителите. Нашите кабинети во кои има компјутери ги сочувуваме така што самите наставници многу внимаваат и постојано се прави попис на сè што има внатре. По секој час наставникот прави извештај дали просторијата е во иста состојба. За евентуално ако се направи некаква штета, да се знае кој клас и кој наставник е одговорен - вели Ѓорѓиев.

Играат брканица скокајќи на клупите


Пеат песна, професорка пишува на табла


Фрлена маса од прозорец

Профилот на групата не е јавен, па видеата се достапни само за членовите.

Од Министерството за образование и наука велат дека не се информирани дека постои ваква група на социјалните медиуми, но потенцираат дека за редот и почитувањето на Кодексот на однесување во училиштата се грижат директорите. Ги поттикнуваат, ако се сомневаат во вакви вандалски чинови, да пријават во Министерството за внатрешни работи и да ги преземат сите законски мерки, како и да ги информираат општините.

Прашавме и во МВР дали некој го пријавил овој инстаграм-профил и какви мерки се преземаат во вакви случаи. До објавувањето на текстот не добивме одговор.


Ученик ја пали клупата со запалка и спреј



Фото: Принтскрин од инстаграм-групата