Првпат измерени отчукувањата на срцето на син кит додека се нурнува во потрага по храна

Првпат измерени отчукувањата на срцето на син кит додека се нурнува во потрага по храна

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците со помош на електрокардиограф прицврстен на телото на син кит првпат во историјата ја измериле брзината на отчукувањата на срцето на синиот кит кога се нурнал во потрага по храна и утврдиле дека има само неколку отчукувања во минута.

Научниците утврдиле дека најголемиот цицач, синиот кит, кој може да достигне должина од 30 метри и тежина од 200 тони, кога се нурнува и оди во потрага по храна, ја намалува брзината на активноста на срцето на само неколку отчукувања во минута.

Најмалиот број забележани отчукувања бил две, а најголемиот, откако китот се враќал на површината на океанот за да вдише воздух, бил 37 отчукувања во минута.

- Синиот кит е најголемото животно и со години ги фасцинира биолозите - истакнува биологот Џереми Голдбоген од Универзитетот „Стенфорд“.

Најпросто кажано, колку е поголемо животното, толку е помала брзината на отчукувањата на срцето. Така се минимизира количината на работа што ја врши срцето за време на дистрибуцијата на крв во телото. Кај луѓето срцето во состојба на мирување чука во распон од 60 до 100 отчукувања во минута, а при вежбање или напор до 200 отчукувања во минута.

Научниците собрале податоци за 9 часа, а електрокардиографот го прицврстиле на возрасен мажјак долг околу 22 метри, кој се наоѓал во заливот Монтереј, покрај бреговите на Калифорнија.

Сините китови, покрај тоа што се големи, се хранат со ситен плен. Во устата тие филтрираат големи количини вода и одделуваат плен како плактонски ракови и други зоопланктони.

При нуркањето во потрага по храна китот имал изразено низок број на отчукувања, обично од 4 до 8 отчукувања во минута, а некогаш само две. Откако повторно дошол на површината, бројот на отчукувањата му се зголемил на 25 до 37 отчукувања во минута.