Скопје да се промовира како позитивна туристичка бренд-дестинација, вели проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература

Скопје да се промовира како позитивна туристичка бренд-дестинација, вели проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Институтот за македонска литература неодамна беше овенчан со наградата „13 Ноември“ за 40-годишна работа во областа на науката, образованието и културата во соработка со Градот Скопје.

За сработеното, квалитетот, посветеноста и за тоа што најмногу е рефлексија на оваа награда, зборуваме со професор д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, до неодамна директор на оваа институција, која ни рече: Годинава Институтот за македонска литература одбележува 40 години од своето постоење и една ваква награда, како „13 Ноември“ на Градот Скопје, е вистинско признание за резултатите од работата во повеќе витални сегменти: научноистражувачки проекти, исклучително богата издавачка продукција, популарност на културолошките студии од втор и од трет циклус, меѓународна соработка во домен на академската размена со странски партнери, организирање меѓународни научни симпозиуми на актуелни теми од доменот на литературата и културата воопшто. Но, секако дека наградата следува, пред сè, по нашата веќе тригодишна соработка со Градот Скопје преку реализацијата на три проекти кои имаат цел да го афирмираат културното наследство на Скопје и Скопско.

Значи наградата се должи и на големите проекти што се однесуваат на Скопје и Скопско, реализирани во периодот кога бевте на чело на Институтот, бевте директорка на Институтот десетина години?


- Особено ми е драго што со Градот Скопје во изминатите три години, 2019-2021, реализиравме, според мене, мошне значајни три проекти од доменот на културното наследство и културниот туризам, што ги тангираа културно-историските споменици, локалитетите и институциите од доменот на културата во Скопје и Скопско. Ги реализиравме низ форма на научни симпозиуми и преку организирана посета на важни културно-историски локалитети. На првиот симпозиум остваривме посета на Марковиот манастир „Св. Димитриј“ до Скопје, во присуство и на странски гости. Веќе од следната година, поради корона-кризата, симпозиумот се одвиваше во предворјето на црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“, во централното градско подрачје, додека по одржувањето на третиот, за жал, ваквиот дел од проект, со посета на некој значаен локалитет, изостана. Преку соработката со Град Скопје беше овозможена и публикацијата на двата зборници со научни трудови од одржаните симпозиуми: „Популаризацијата на македонското културно наследство на Скопје и Скопско“ (2019) и „Културниот туризам во афирмација на културното наследство на Скопје и Скопско“ (2020).

Еден од тие проекти е „Културниот туризам во афирмација на културното наследство во Скопје и Скопско“. За што станува збор?

- Проектот беше поддржан од интенцијата културното наследство на Скопје да се согледа и прикаже како извонреден потенцијал за развој на културниот туризам. Во директна врска со проектот се поставува програмската насоченост на Културолошките студии од втор и трет циклус на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои нудат специјализирани програмски содржани од областа на културното наследство во кои се применува современиот теориски пристап во третманот на наследството, кој подразбира хибрид од повеќе елементи: културни, економски, политички, научни, популарни. Всушност, новата тенденција од крајот на 20 и почетокот на 21 век е на културното наследство да се гледа како на одраз на прогресивната глобализација, од наследство поистоветено со висока култура кон антрополошки аспект на сфаќањето на наследството; од движно и недвижно кон нематеријално; од национално кон локално и глобално наследство; од културно наследство кон природно културно наследство.



Градот Скопје заедно со околното сочувано духовно и културно наследство и со природните реткости е предизвикувачка дестинација за развојна перспектива и на културниот туризам. Колку правиме на ова поле и што недостига?

- Значаен дел од сакралното и профаното културно наследство и природното опкружување стануваат важен дел од туристичката и културната промоција на градот Скопје. Новите согледби што сакаме да ги прикажеме врз примерот на градот се дека токму разновидноста на културното богатство на определена територија, произлезено од природните и климатските услови, од општествената и економската состојба, од карактеристичните и специфични културни наративи сврзани со богатството на изразните елементи во сакралните и профаните градби од различните историски периоди, е вградена во идентитетот на градот. Сите тие се особено атрактивни за развој на културниот туризам во него. Она што сега, во современиот миг треба да се направи е преку афирмација на карактеристичните културни претпоставки и добра маркетинг-стратегија Скопје да се промовира како град со позитивна туристичка бренд-дестинација. Во таа насока беше реализиран и проектот „Урбани културни идентитети – Скопје и Истанбул“, заедно со Универзитетот во Истанбул (2019-2020).

Можете ли да истакнете некои позитивни примери од практиката во заштитата и афирмацијата на културното наследство во градот Скопје и пошироко во неговиот регион?

- Во последниве години се преземаат извесни организирани активности на планот на туристичката промоција, каков што е примерот со Кањонот Матка, што привлекува многубројни гости од странство, како со културното наследство така и поради рекреативниот и адреналинскиот туризам. Овој предел стана дополнително атрактивен за туристите откако британскиот весник „Гардијан“ во 2016 година го вброи Кањонот Матка меѓу десетте најубави кањони во Европа. Клисурата Матка со извонредните природни одлики и културно-историските вредности овозможува да се искусат различни активности од доменот на културниот туризам: посета на средновековни манастири со живописни фрески, пешачење, прошетки, алпинизам, кајакарство, спелеологија и сл. Од друга страна, исклучителното културно-историско и природно богатство на Кањонот Матка нѐ обврзува посветено да се грижиме за неговата опстојба и за одржливоста на екосистемот во целина.

Го издадовте и зборникот „Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско“, а Вие сте еден од уредниците, покрај Илија Велев. Што содржи овој зборник?


- Една од предностите на овие проекти е што од нивното реализирање преку научните конференции произлегоа засега два зборника, а следната година се очекува и третиот на тема: „Писменото и книжевното културно наследство од Скопје и Скопско“. Во првиот „Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско“, покрај мојот и трудот на колегата И. Велев, двајцата иницијатори за овие проекти, беа вклучени и трудовите на нашите соработници: В. Миронска-Христовска, Ѓ. Ѓорѓевски, С. Ковиловски, С. Трајанова, В. Поцевска, Н. Андоновска, во кои низ културолошки проследувања се согледуваат актуелни погледи за истакнување позитивни примери од практиката во заштитата на културното наследство во Скопје и Скопскиот Регион, како и за неговата афирмација. Но, и со препораки до институциите од областа на културата и релевантните чинители задолжени за развој на градот за поголема грижа за културното наследство. Сметаме и дека трудовите во овој зборник ќе ја поттикнат пошироката културна јавност да се заинтересира и за некои предлози што беа презентирани во темите и во дискусиите за вклучување на Градот Скопје во туристичките понуди од типот културни маршрути, каде што културно-историските и книжевните маркери можат да бидат едни од нив. Предлози и за означување значајни места од културната меморија на Скопје – од типот на прецизно лоцирање на првата книжарница во Скопје уште од 16 век, онаа на Кара Трифун.



Во воведот се потенцира дека ќе „останат предупредувачки“ и препораките до културните институции, локалната самоуправа и владините институции да се сочува културното наследство... На што конкретно и најмногу предупредувате?

- Од една страна, постои исклучително богато културно наследство на Скопје, кое треба да се сочува во својата автентичност и оригиналност, а од друга страна, се поставува прашањето колку и како градот Скопје може да го промовира својот автентичен туристички изглед, во кој се вградуваат повеќе културни миксови (со неолитски, антички, византиски, ортодоксни, отомански слоеви) како карактеристични цивилизациски културни споеви, во вид на атрактивна туристичка дестинација. Можеме да го одредиме културниот туризам во Скопје и како активен одмор што се потпира на културните ресурси (т.е. наследството), на неговите историски места и природната средина, што дава можности да дознаеме повеќе за начинот на живот во регионот, како и за македонската културна традиција, македонскиот јазик и култура. Поради ова, културниот туризам е синоним за наследство – начин патниците да пристапат до шармот на традициите, фолклорот, просторите и вредностите на локалните заедници.

Институтот ги има и Културолошките студии од втор и трет циклус, како и богата издавачка дејност и меѓународна активност. Дали имате впечаток дека интересот за литературата и нејзиното значење е во пораст?

- Бројот на студенти на културолошките студии во изминатите 14 години ни дава за право да сметаме дека интересот за книжевноста е присутен во нашата културна средина, само треба постојано да се поттикнува низ дебати, трибини, јавни расправи, со актуелен призвук и во контекст на низа современи аспекти. Така, централното одбележување на јубилејот - 40 години постоење и развој на Институтот го промовиравме со научна конференција: „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална библиотека“. Интенција беше врз основа на различната граѓа, чија база е македонската книжевна и културна архива: обреди, усни истории, книжевност, филм, фотографија, културни споменици и манифестации, да се проектира перцепцијата за тоа како меморијата го одредува влијанието на минатото врз сегашноста и обратно: каква е позицијата на сегашноста за разбирање и интерпретација на минатото. Се надевам дека едни вакви дебати го привлекуваат вниманието на младата популација.

Министерството за образование и наука ќе финансира по еден проект во секој институт. Во Институтот за македонска литература чинам ќе се подготвува Енциклопедија на македонската книжевност... што значи конечно да се реализира еден ваков крупен проект?

- Се работи за проектот „Македонска книжевна енциклопедија: автори и дела“, како проект што произлегува, но и се надополнува со Историјата на македонската литература, бидејќи се планира научноистражувачко проследување на книжевно-историските процеси, на авторите и делата во македонската литература и култура создавана во долг временски интервал од 9 до 21 век. Сето тоа ја наметна потребата да се проследат авторите, како и богатството и разнообразноста на книжевните остварувања, процеси и пројави, кои ја одбележуваат посебноста на македонската книжевна и културна традиција низ вековите.

Институтот по долг временски период од 9 години кадровски се подмлади со 7 млади научници. Образованието и науката се столб на секое општество. Дали во македонската средина, генерално, се препознаваат овие вредности?

- Македонскиот академски простор е дел од европскиот и ние се стремиме да се сообразуваме со него, да соработуваме со европските универзитети, да разменуваме академски искуства во доменот на хуманистичките дисциплини, и тоа го правиме и преку договори за соработка, но и преку реално остварени проекти. Затоа и не можеме да отстапиме пред нашата верба во науката, едукацијата и знаењето воопшто, што впрочем на некој начин се содржеше и во последниот проект „Етички и аксиолошки аспекти во литературата и културата на 20 и 21 век“ што го реализиравме во тековната 2021 со колеги од Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Трнава (Словачка), универзитет со исти патрони, како и нашиот универзитет во Скопје - светите Кирил и Методиј, кои ја промовираат идејата за значењето на просветата, образованието и космополитизмот во духот на заштитници на овие вредности во Европа.

Фото: приватна архива