Новиот документарец на Дејвид Атенборо ги шокира гледачите

Новиот документарец на Дејвид Атенборо ги шокира гледачите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Познатиот телевизиски натуралист сер Дејвид Атенборо споделува шокантни фотографии од животни кои страдаат како последица на начинот на живот на луѓето во неговата нова документарна емисија на Би-би-си. 94-годишникот покажува дека светот се сменил толку многу што станал непрепознатлив само во неговиот животен век.

Новата документарна емисија „Совршена планета“ (англ. A perfect planet) беше премиерно прикажана на Би-би-си во неделата, а во неа може да се видат вознемирувачки фотографии од животни низ целиот свет кои се обидуваат да преживеат и покрај предизвиците предизвикани од глобалното затоплување. На една од овие вознемирувачки фотографии се гледа новородено слонче кое бара вода од неговите спасувачи откако неговите родители умреле поради екстремните суши. 


Фото: BBC/Mirror

Атенборо вели дека слончето е жртва на влијанието на човекот врз планетата, но не е предоцна да се направат промени и да се намалат глобалното затоплување и загадувањето.

- Имаме капацитет и знаење да ја сопреме штетата што ја правиме. Но немаме време - вели тој.

Во документарната серија ќе се прикажат мерките што се преземаат низ светот за да се заштитат животните. Но во неа ќе бидат прикажани и страшните ефекти на глобалното затоплување врз животните. Меѓу другото, се гледа коала која заздравува од пожарите во Австралија и давење на новородени желки при поплава.

Во серијата се предвидува дека половина од сите видови на Земјата може да изумрат во следните 80 години доколку итно не се преземат мерки.


Автор: Шејмус Даф
Извор: mirror.co.uk