Албумот на Матеј Џајковски номиниран за „Греми“: „Драго ми е дека тоа што го креирам е слушано во целиот свет“
Продолжувам да одам напред со остварувањето на визијата што ја имам уште од мал. Сакам да работам со тие што ме инспирираат и воедно со најдобрите. Корените секогаш ќе бидат дел од мене, тоа ме направило тоа што сум сега и оттаму ја носам мојата автентичност, истакнува Матеј Џајковски
Матеј Џајковски, познат под уметничкото име BigSlav, е наш музички продуцент и автор номиниран за „Греми“. Тој е син на Кирил Џајковски, пораснат е во Скопје, но подолго време живее и работи во Лос Анџелес. Со својата продуцентска куќа работел со врвни артисти од музичката индустрија, од кои дел се Џон Леџенд, ФЛО, „Деј“, „Ченс д Рапер“, Лери Џун... Неговата музика е дел од саундтракот на хит-серијата на „Нетфликс“ „Измислување на Ана“, трејлерот за филмот „Cut Throat City” - исто така на „Нетфликс“ во режија на легендарниот рапер РЗА.
Матеј е присутен со авторска музика за игрите „Ју-еф-си 4“ (EA Sports) и „МЛБ Д шоу“ (Sony), како и музика за рекламите на компаниите Амазон, Мериот хотелс, Тојота, Адобе и многу други престижни проекти.
Неодамна неговото име се најде на листата со номинирани за „Греми“, најпочитуваната и најпрестижна награда што може да се добие во музичката индустрија.
- Веста дојде неочекувано, за исходот од одлуката на Греми академијата за номинираните артисти и албуми никогаш не се знае до последен момент. Јас дознав дента кога номинациите беа официјално објавени на нивната веб-страница. Бев изненаден и среќен истовремено што албумот го доби ова престижно признание. Албумот „Access All Areas” е номиниран за најдобар албум во категоријата најпрогресивен аренби-албум (Best Progressive R&B Album). Ова е огромна конфирмација за мене, ми значи дека го следам вистинскиот пат и дека тоа што го создавам е на највисоко ниво - ни сподели Матеј Џајковски.
Целиот албум звучи многу свежо и носи голема енергија
Тој работел на песната „On & On” од албумот на ФЛО насловен „Access All Areas”.
- На неа се појавувам како автор и продуцент. Песната го достигна 13. место на Билборд-листата, а константно се вртеше на радио во САД, како и на сите најголеми светски плејлисти за аренби на „Спотифај“ и „Епл мјузик“. Посебно е чувството за вакво големо достигнување и уште го процесирам сето ова... Драго ми е дека тоа што го креирам е слушано во целиот свет, дека има глобален импакт и дека луѓето се поврзуваат со таа музика - истакнува Матеј.
Го прашавме што го прави посебен албумот „Access All Areas” за да стане кандидат за „Греми“.
- Целиот албум звучи многу свежо и носи голема енергија, во стил на девојките, она што го носат во себе и тоа што го претставуваат. Мислам дека сите луѓе, фановите и целата музичката индустрија, го увидоа ова, а пред сѐ го почувствуваа. Затоа албумот и го доживеа овој успех. Сѐ беше искрено и спонтано, некако „органски“. Ништо не беше форсирано во создавањето на овој проект и имаше убава енергија уште од првиот ден на излегувањето на албумот - објаснува Матеј.
Сакам да работам со тие што ме инспирираат
Оваа номинација му отвора врати кон уште повисоко ниво.
- Со задоволство ја продолжувам соработката со моите блиски соработници, кои досега се покажале како многу успешни и со луѓе со кои имам креативна хемија, како и со нови соработници, проекти, кои се уште поголеми. Продолжувам да одам напред со остварувањето на визијата што ја имам уште од мал. Сакам да работам со тие што ме инспирираат и воедно со најдобрите. Корените секогаш ќе бидат дел од мене, тоа ме направило тоа што сум сега и оттаму ја носам мојата автентичност - додава тој.
Џајковски ни сподели и како гледа на улогата на македонските музички продуценти и артисти на глобалната сцена...
- Отсекогаш сме имале многу наши квалитетни луѓе во која било бранша и од која било професионална сфера, а верувам, особено во однос на македонските продуценти/артисти, дека во блиска иднина за нив ќе гледаме и ќе слушаме уште повеќе за успешни достигнувања на глобално ниво - изјави Матеј Џајковски, кој на „Инстаграм“ може да се најде како @bigslav22.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.