„Тесла“ повеќе не е „крал на електричните автомобили“ - еве кој ја презеде титулата

„Тесла“ повеќе не е „крал на електричните автомобили“ - еве кој ја презеде титулата

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Пазарот на електрични автомобили, иако се соочува со одредени тешкотии, продолжува да расте. Сепак, на чело не се традиционалните производители на автомобили, туку некои нови играчи.

Во последниве години се случи голем пробив на кинеските производители на електрични автомобили. Малку по малку, нивните поевтини автомобили ги освоија пазарот и срцата на клиентите низ светот. Тие станаа толку успешни, што ја презедоа титулата за најпродавани  електрични возила.

Откако „Тесла“ испорача 1,64 милиони возила во 2025 година, што е за 9 проценти помалку од претходната година, титулата најпродаван електричен автомобил ја презеде кинескиот БИД (BYD) со продадени 2,26 милиони возила.

„Тесла“ доживеа пад поради цела низа причини. Од бојкоти на клиентите поради однесувањето и политиките на основачот на компанијата, Илон Маск, укинувањето на даночните олеснувања за клиентите во САД, до сè посилната странска конкуренција.

На „Тесла“ не ѝ помогна ниту фактот што Маск го ангажира и американскиот претседател Доналд Трамп да ја „рекламира“ „тесла“ на тревникот на Белата куќа.

Сепак, и покрај лошите бројки, аналитичарите сè уште веруваат во „Тесла“. Поточно, тие веруваат дека бизнисот со роботакси-возила и хуманоидниот робот „Оптимус“ ќе ги одржат приходите на „Тесла“ на високо ниво.


Но, „Тесла“ мора да се справи и со конкуренцијата во овие области, која помина долг пат. „Вајмо“ ја развива својата мрежа на автономни такси-возила со години и има многу повеќе корисници од роботакси-возилата на „Тесла“. Од друга страна, кинеските хуманоидни роботи се покажаа како доста способни. 

Не смееме да ги заборавиме плановите на Маск за производство на „сајберкеб“, роботакси со вештачка интелигенција без волан и педали, кој треба да ја види светлината на денот оваа година. Дали ова ќе се оствари и дали „Тесла“ (и Маск) ќе добие дозвола да пушти такво возило на патиштата, останува да се види.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik