Тренд „сув јануари“: Што му се случува на телото кога ќе се откажете од алкохолот, откриваат експертите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Сув јануари“ стана популарен предизвик на почетокот од годината, кога луѓето доброволно се откажуваат од алкохол 31 ден со цел да му дадат одмор на телото по празничниот период. Многумина во ова гледаат можност за „рестартирање“ на организмот, подобрување на здравјето и создавање поздрави навики, додека други сакаат да проверат колку алкохолот влијае врз нивното расположение, сонот и енергијата.
Ефектите од откажувањето од алкохолот започнуваат уште првата недела и се движат од подобар сон, намален ризик од рак, па сè до подобрување на когнитивните функции.
Експертите велат дека оние што се одлучиле за „сув јануари“, односно еден месец апстиненција, ќе почнат да забележуваат и подобрена функција на црниот дроб. Сепак, додаваат дека вистинските здравствени придобивки доаѓаат од трајно откажување од алкохолот. Затоа, експертите одлучија да објаснат што ќе му се случи на вашето тело ако една година воопшто не консумирате алкохол.
По една недела
Експертите велат дека до крајот на првата недела можете да забележите дека наутро се чувствувате поенергични како резултат на поквалитетен сон.
- Постои честа заблуда дека алкохолот го подобрува сонот. Тој можеби ќе ви помогне побрзо да заспиете, но неговите ефекти значат дека ќе имате помалку обновувачки РЕМ-сон, кој е клучен за вашето здравје - вели д-р Том Дејвис, медицински директор на компанијата за дигитална здравствена грижа „Ливи“.
По само една недела без алкохол, вашиот РЕМ-циклус најверојатно ќе се врати во нормала. Можете да очекувате да се чувствувате поодморени, како и да забележите подобрување на расположението и на когнитивните функции.
- Може да забележите дека соништата ви стануваат поживописни или дека повторно почнувате да сонувате - вели д-р Том Дејвис.
Покрај придобивките што доаѓаат од квалитетниот ноќен сон, експертите велат дека откажувањето од алкохол само една недела носи и подобрување на изгледот на кожата.
По еден месец
Доколку успешно го завршите „сувиот јануари“, тогаш започнуваат вистинските промени во телото.
Алкохолот може да доведе до болест на црниот дроб, но бидејќи овој орган има способност за регенерација, по еден месец дел од оштетувањата почнуваат да се обновуваат.
- Црниот дроб напорно работи за да ги отстрани токсините од телото. Освен тоа, извршува и многу други важни функции неопходни за нормално функционирање на организмот. Кога консумирате алкохол, црниот дроб мора да работи уште поинтензивно. Замастениот црн дроб има намалена способност да ги извршува виталните функции, поради што може да се чувствувате уморни и без енергија - објаснува д-р Дејвис.
По само две недели апстиненција од алкохол, црниот дроб почнува да се регенерира.
Експертите истакнуваат дека во рок од еден месец, оние што не пијат алкохол ќе забележат и придобивки поврзани со менталното здравје. Иако алкохолот на почеток може да создаде чувство на самодоверба и намалена анксиозност, на долг рок тој ја зголемува подложноста на ментални состојби како депресија и анксиозност.
По четири недели расположението почнува да се подобрува и може да забележите поголема отпорност и способност за справување со секојдневните животни предизвици, објаснува тој.
По шест месеци
Кај умерените консументи на алкохол, оштетувањата на црниот дроб може целосно да се повлечат по шест месеци. Во овој период дури и кај луѓето што пиеле повеќе може да се забележи подобра отпорност кон инфекции и општо чувство на подобро здравје.
По една година
Експертите велат дека по една година без алкохол крвниот притисок значително се намалува.
- Високиот крвен притисок го оптоварува срцевиот мускул и го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Во период од една година апстиненцијата од алкохол го намалува крвниот притисок и го редуцира ризикот од мозочен или срцев удар - вели д-р Дејвис.
Експертите додаваат дека избегнувањето алкохол една година има и силно влијание врз мозокот. Алкохолот може да ја наруши функцијата на хипокампусот, делот од мозокот задолжен за создавање и складирање спомени.
Сепак, истражувањата покажуваат дека со престанок на консумација на алкохол, дел од оштетувањата на мозокот може да се повлечат.
Фото: Freepik