Од 1. до 3. ќе се учи Општество, од 4. до 9. - Историја и општество. Собраниска расправа за образовните реформи

Од 1. до 3. ќе се учи Општество, од 4. до 9. - Историја и општество. Собраниска расправа за образовните реформи

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Основното образование треба да биде основа на вредностите и период во кој ќе се засакаат учењето, науката и татковината. Да создаваме генерации кои кога ќе одат на натпревар по физика и по математика во Франција, да се вратат со награда и таму сите да ја слушнат македонската химна. Кога ќе одат на натпревар по историја, да се вратат со најдобри резултати и да бидат подобри од соседите во знаење. Тоа е тој културен натпревар помеѓу народите. Целата суштина на педагогијата е да бидеш добар пример како учител и да дадеш љубов, рече проф. д-р Кирил Барбареев, член на работната група

Општествени науки ќе изучуваат учениците од прво до трето одделение, а предметот ќе се вика Општество, а од 4. до 9. одделение предметот ќе се вика Историја и општество. Овој интердисциплинарен пристап ќе им овозможи на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини во реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и променливи.
Ова беше кажано на денешната јавна расправа на седницата на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, на која присуствуваа многу наставници, професори, претставници на МАНУ, ЗЕЛС, претставници на амбасади, на меѓународни организации. Нацрт-концепцијата за основно образование ја презентираа претставници на работната група, а свое обраќање имаа министерката Мила Царовска и премиерот Зоран Заев.
Професорката Виолета Петроска-Бешка од Институтот за психологија кажа дека во фокусот ќе биде воспитната компонента и самиот процес на учење.

Ако ученикот отскокнува по историја, тоа ќе го пишува во додатокот на свидетелството

Со новата концепција целта е да се зголеми чувството на еднаквост меѓу учениците, да се намалат предрасудите, да се подобри меѓуетничката интеграција во образованието и социјалната кохезија, рече професорката Петроска-Бешка.



- Современата педагогија вели дека ако учениците не можат да ја согледаат смислата на она што го учат, не може да се очекува успех во учењето. Тие одбиваат да учат во таков случај. Во предметна настава се очекува тимска работа на наставниците, заеднички да планираат и оценуваат, но секој да си влегува на час со оглед на дисциплината за која претходно е обучен во базичното образование. На крај, ученикот ќе добие додаток на свидетелство, во кој ќе стои опис на преференциите, т.е. ако некој ученик се истакнува повеќе по предметот историја, тоа да биде истакнато во додатокот на свидетелство. Или ако е подобар по физика, да биде тоа истакнато во документот - појасни таа.

Професорката кажа дека работната група долго дискутирала за сè ново што се предвидува. Новина е што се очекува предметните наставници по ликовно и по музичко образование да се вклучат во наставата и во петто одделение и да држат настава во тандем со одделенскиот наставник. Тие ќе имаат обврска да ја планираат наставата, а притоа следењето и оценувањето си ги води одделенскиот наставник. Предметниот ќе има обврска да открива талентирани ученици.

-За сексуалното образование се изнаслушавме сешто периодов. Се очекува да им се понуди предметот на учениците во деветто одделение, но ако наставникот смета, може и во осмо одделение да се учи. Но, воопшто нема план овој предмет да биде наменет за помалите ученици. Дискусија имаше и за албанскиот јазик, имаше недоразбирања. Тој влегува како изборен предмет и сите оние што не учат на албански наставен јазик, можат да изберат да го учат како друг странски јазик - појасни професорката.

Децата да ги засакаат учењето и науката

Професорот Кирил Барбареев од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, кој е член на работната група, истакна дека оваа концепција не е само реформа на наставната програма и план.
- Името на Универзитетот на кој работам е „Гоце Делчев“. Вчера му беше роденденот. Гоце Делчев знаел дека вистинската револуција на еден народ, на една нација е револуција на умот, срцето и на душата. Тој зборува за морална револуција, затоа и станал учител. Кога го прашале децата - а зошто да учиме француски - тој им одговорил: „За да му кажеме на светот дека сме Македонци.“ Е тоа е нашата визија, почитувани колеги. Основното образование да биде основа на вредностите и период во кој ќе се засакаат учењето, науката и татковината. Да создаваме генерации кои кога ќе одат на натпревар по физика и по математика во Франција, ќе се вратат со награда и таму сите ќе ја слушнат македонската химна. Кога ќе одат на натпревар по историја, да се вратат со најдобри резултати и да бидат подобри од соседите во знаење. Тоа е тој културен натпревар помеѓу народите. Целата суштина на педагогијата е да бидеш добар пример како учител и да дадеш љубов-– рече Барбареев, чиј говор беше награден со громогласен аплауз.

Заев: Промени се неопходни


Премиерот Заев во своето обраќање кажа дека периодов се зборува дека се брза со реформата, но според него, со ваквата концепција се доцни.

- Моето мислење е дека ние доцниме со реформата во образованието. Тие промени требаше да се случат барем пред 10 години. Нам ни треба образование кое ќе биде во чекор со современите текови. Но, сепак, нема да избрзаме, ќе работиме на тоа да дизајнираме најсоодветна образовна реформа која е во интерес на децата. Со таков модел да му овозможиме на секое дете да го постигне својот максимален потенцијал. Затоа, првпат се прават промени на транспарентен начин и со вклученост на сите страни. Имаше онлајн-состаноци со студентско собрание, со професори од факултети, со професори од музичката и од ликовната дејност. Јасно е дека со општествени науки не се укинува историја, туку содржините од нив ќе станат дел од новата наставна програма. Новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците, туку тие заедно ќе ја планираат наставата за учениците да добијат знаења на најефикасен начин. Овозможуваме и кариерен развој. Концепцијата е направена врз основа на експерти кои посочуваат дека се неопходни промени. Таа се прави во широк и консултативен процес. Таа е предвидена е и со Законот за основно образование и е дел од владината програма - истакна премиерот.

Министерката Царовска кажа дека процесот не смее да запре затоа што секој ден децата учат од неквалитетни учебници и следат несоодветна програма.

- Нашите деца не се стекнуваат со потребните вештини. Споредено со другите ученици во други земји, имаат околу 900 часа помалку настава. Имаат тешкотии со читање со разбирање и одземање. Помалку од 40 отсто од вторачињата ги завршиле задачите по прочитан текст. Овие податоци значат уништени генерации. Со реформата се нуди поинаков пристап во наставата, внимание за секое дете и можност да го искаже својот потенцијал. Децата ќе научат да решаваат проблеми врз база на факти. Ова е нов македонски образовен модел, кој ќе ги научи на почитување на различностите, а ќе се јакне и родовата рамноправност. Наставниците ќе бидат мотор на оваа промена. Вие сте наши главни партнери, силно верувам дека со ваша посветеност ќе им овозможиме подобро образование на нашите деца. Во однос на сите сомнежи, ве уверувам дека МОН и БРО многу сериозно и подготвени влегуваат во целиот процес. Наставниците ќе имаат обука за новиот модел на наставата, нема да бидат оставени сами на себе зашто сакаме ова да успее. Свесна сум дека секоја промена предизвикува чувство на несигурност и страв, но без промени - нема напредок - рече министерката.