„Љубовта кон Тоше ме одведе кон Крушево, каде што го запознав сопругот, а сега ќерка ми настапува со негови песни“, вели бугарската писателка Данна Донку
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Данна Донку е писателка и поетеса од Бугарија чија љубов кон музиката и делата на нашиот Тоше Проески ја однела до Крушево, каде што се запознала со сопругот, па сега заедно го чуваат споменот на Тоше преку различни дела.
Данна вели дека дури и предоцна слушнала за Тоше, но дека тој момент засекогаш ѝ го променил животот. Таа сега има две деца со сопругот, а поголемата ќерка Доротеја веќе многупати настапувала со песни од Тоше. Тој е инспирација и за творењето на Данна и таа му има посветено многу поеми, раскази...
- Тоше е многу популарен во Бугарија, но, за жал, јас слушнав за него една година по несреќата. Сепак, нашата „средба“ засекогаш ја промени насоката на мојот живот - вели Данна.
Кога некој од друга земја ќе ви каже дека е во брак со Македонец или Македонка, автоматски ќе си помислите дека го знае Тоше токму поради бракот. Но, во овој случај е обратно.
- Тука е обратно - љубовта кон Тоше и неговото дело ме одведе во Крушево, каде што се враќав секоја година година. Таму се запознав со мојот сопруг и таму се венчавме, но живееме во Бугарија. На нашата свадба беа присутни и мои пријателки од Бугарскиот форум на Тоше - вели Данна.
Поголемата ќерка на Данна
Таа ги памети и датумот и песната кога почнала да го слуша Тоше. Оттогаш тој ѝ станал инспирација и муза.
- Ги паметам и датумот и песната - беше 15.11.2008 година кога ја слушнав „Чија си“ и се вљубив во неа. Само два дена подоцна веќе бев член на Бугарскиот форум за Тоше Проески, а следното лето го посетив Крушево заедно со сестра ми. Пораките во неговите песни, вибрациите на неговата музика, човечкиот пример на Тоше како хуманитарец... сето тоа навистина се вкорени во моето срце, ме восхити и засекогаш ми го промени животот. Средбата со музиката и вселената на Тоше го отклучи мојот креативен потенцијал, бидејќи токму Тоше е моjата вселенска инспирација во творештвото и животот. Јас сум писателка и поетеса, авторка на текстови за песни. Во текот на годиниве му имам посветено многу поеми, раскази, бајка и текст за песна. Никогаш нема да престанам да пишувам за него. Дури и му посветив дел на мојата официјална веб-страница:
https://www.dannadonku.com/toshe_proeski/ - раскажува писателката.
Додава дека сонува нејзините поеми да бидат преведени од македонски поет и да издаде книга, а средствата од продажбата да ги користи за хуманитарни цели.
- Тоше е изведувач од гигантски размери. За својот краток живот остави огромно музичко наследство, но и многу повеќе од тоа - ни остави пример и траги што вреди човек да ги познава и да ги следи. Тој е моjата чиста и вистинска инспирација, мојата муза и пример што го следам. Никогаш нема да се уморам да раскажувам и да пишувам за него бидејќи сè повеќе луѓе треба да знаат кој е Тоше Проески. Иако физички веќе не е со нас, јас верувам дека неговата светлина и музика сè уште ги осветлуваат нашите животи. Мислам дека сè што чувствувам кон Тоше најјасно се осеќа во мојата поезија. Сонувам моите поеми за Тоше да бидат професионално преведени од поет на македонски јазик за да направам хуманитарна акција во Крушево. Сигурна сум дека еден ден и тоа ќе се случи - вели таа.
Музиката на Тоше многу често го облагородува домот на Данна, па не е ни чудно што и нејзините деца го сакаат. Поголемата ќерка многупати досега настапувала со негови песни.
- Мојата постара ќерка Доротеја има 10 години. Таа го слуша Тоше уште од бебе. Мислам дека нејзината љубов кон неговата музика се разбуди сосема природно поради мене и мојот сопруг. Тоше често се слуша дома, а Дори, исто како и нејзината сестра Аника, од најрана возраст ја посетува Спомен-куќата во Крушево. Обожава да го слуша и да пее негови песни. За неа беше голема чест што веќе двапати имаше можност да ги изведе неговите песни во Крушево. На двата концерта на кои учествуваше, таа беше најмладиот изведувач. Важно е да се напомене дека Доротеја учи во музичка паралелка во училиште, а посетува и дополнителни часови по пеење кај најдобриот вокален педагог во регионот - вели Данна.
Ја прашавме и за Бугарскиот форум на Тоше, а она што ни го раскажа ни е само уште еден доказ дека Тоше и ден-денес спојува луѓе, народи и култури.
- Со текот на годините составот и бројот на членовите се менуваше, но не и тоа што нè поврзува. Ќе кажам дека сме доволно голема група на луѓе од различни возрасти, професии, градови и дури држави кои се способни за чуда кога станува збор за одредена кауза. Бевме дел од меѓународните акции „Тошин мост на љубовта“, а долги години организиравме и хуманитарни акции во домови за деца и старски домови. Иако денес немаме можност за толку активна работа, кога ќе се појави добра кауза, сите се обединуваме и дејствуваме. Важно е да се каже дека го одржуваме жив споменот за Тоше - на секој настан во Крушево има наши претставници. За роденденот на Тоше речиси секогаш се носат цвеќиња и торта од Бугарија, кои се оставаат на неговиот гроб. Оваа година подготвивме многу убава поштенска кутија „Ангелска пошта“, за љубителите на Тоше да можат да му остават свои пораки. Таа се наоѓа на неговиот гроб во Крушево - објаснува Данна.
Фотографија од Бугарскиот форум на Тоше од 2011 година
Настапувачите од годинава
Освен кутијата, благодарение на Данна и нејзиниот сопруг, годинава на роденденот на Тоше во Крушево настапија два бугарски состави.
- На 25.1.2025 со мојот сопруг доведовме од Бугарија два состави на пејачи, организирајќи ги нивниот престој и настап во Крушево. Огромна благодарност до директорката на Спомен-куќата, госпоѓа Левкија Гажоска, која ја овозможи нашата изведба и обезбеди сè што беше потребно. Идејата за овој спектакл (11 песни од Тоше, комбинирани со танци и одличен перформанс) е дело и изработка на Аделина Колева, која е вокален педагог на мојата ќерка Доротеја, но исто така и раководител на Вокалната формација „Оренда“ и Вокалниот состав „Графити“ при Домот на културата „Напредок“ 1869, град Горна Орјаховица, со вкупно 20 лица. Дел од оваа програма беа и изведбите на мојата ќерка заедно со двата состави - раскажува Данна.
Можеби најфасцинантно е што пејачите претходно воопшто немале слушнато за Тоше.
- Важно е да се истакне дека пред овој проект овие изведувачи немаа слушнато за Тоше, ниту ги знаеја неговите песни. Тие ја подготвија и ја претставија програмата специјално за роденденот на Тоше во Крушево. Тоа се месеци труд и јас сум многу среќна што направивме толку успешен рецитал. Во моментов сите членови на двата состави се целосно воодушевени од Тоше и од неговото родно Крушево. Сигурно ќе планираме и други настапи – истакна Данна.
Фотографии: приватна архива