Што јаде Доналд Трамп? Експертите се изненадени што сѐ уште е жив

Што јаде Доналд Трамп? Експертите се изненадени што сѐ уште е жив

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со 78 години, Доналд Трамп стана најстариот претседател инаугуриран во историјата на САД. За време на претседателската кампања, често се поставуваа прашања за возраста и здравјето на кандидатите, иако најголем дел од вниманието беше насочено кон противкандидатот на Трамп, поранешниот претседател Џо Бајден.

Исхраната игра клучна улога за здравјето, особено кај постарите лица. Експертите препорачуваат ограничување на нездравите масти и избегнување празни калории. Сепак, Трамп, како познат љубител на брза храна, се чини дека ги игнорира овие упатства.

Во 2019 година тој стана познат по тоа што беше домаќин на фудбалскиот тим на Универзитетот „Клемсон“ во Белата куќа, служејќи брза храна од „Мекдоналдс“, „Венди“ и „Бургер кинг“ на сребрени послужавници.

Прехранбените навики на Трамп


Диетата на Трамп често е тема на јавна дебата, особено откако неговиот син Доналд Трамп Џуниор објави фотографија од Трамп, Илон Маск и Џон Кенеди Помладиот како јадат брза храна во приватниот авион на Трамп. Критичарите, вклучувајќи го и Кенеди Џуниор, изразија загриженост за здравствените ефекти од брзата храна.

Според извештаите, Трамп често го прескокнува појадокот, но пие до 12 лименки диетална „кока-кола“ дневно. Тој дури имал и „копче за диетална кока-кола“ во Овалната соба за да го повика персоналот да донесе пијалаци.

Кога појадува, тоа е обично сланина и јајца. За ручек, тој ужива во ролат од месо или стек со кечап, додека неговите вечери често вклучуваат брза храна како „Биг мек“, сендвичи „Филе-О-Фиш“ или пржено пилешко од „КФЦ“. Неговите омилени грицки се „доритос“, а омилен пијалак му останува диеталната „кока-кола“.

Нутритивна анализа

Во деновите кога Трамп повеќе ужива во храната, неговата исхрана може да изгледа вака:

-појадок: сланина и јајца
-ручек: добро подготвен стек со кечап
-вечера: два биг мек, два сендвича „Филе-О-Фиш“ и милкшејк
-закуски: пакетче „доритос“

-пијалак: 12 лименки диетална „кока-кола“.


Ова се околу 4.653 килокалории дневно, што значително ги надминува препорачаните 2.000-2.400 килокалории за мажи над 76 години. На долг рок, прекумерниот внес на калории може да доведе до зголемување на телесната тежина, дебелина и поврзани здравствени проблеми како дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести.

Клучни проблеми со исхраната

Повеќето од омилените јадења на Трамп се многу преработени и содржат големи количини шеќер, сол и нездрави масти, што го зголемува ризикот од сериозни здравствени состојби.

Диетата на Трамп вклучува околу 19 лажички (79 г) додаден шеќер дневно, што го надминува препорачаниот внес од 12,5-15 лажички (50-60 г). Главен извор на шеќер се милкшејковите кои го зголемуваат ризикот од дебелина, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.

Трамп внесува приближно 6.419 мг натриум дневно, значително повеќе од препорачаните 2.300 мг. Намалувањето на внесот на сол, особено од брзата храна, може да го намали ризикот од висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочен удар. Заситените масти сочинуваат значителен дел од калориите на Трамп, во просек 68 грама на ден, што ги надминува препорачаните 50-60 грама. Исто така, внесот на транс-масти може да го зголеми нивото на холестерол и ризикот од срцева болест.

Со до 552 мг кофеин дневно од диеталната „кока-кола“, Трамп ја надминува препораката на ФДА од 400 мг. Прекумерното внесување кофеин може да предизвика палпитации, висок крвен притисок и нарушувања на спиењето. Трамп наводно спие само 4-5 часа, што е значително помалку од препорачаните 7-9 часа, што дополнително го загрозува неговото здравје.

Во исхраната на Трамп има многу малку растителни влакна, како што се овошјето, зеленчукот и целите зрна, па во просек внесува само 15 грама влакна дневно. Недостигот на влакна го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2 и рак на дебелото црево.

Потенцијален нутритивен дисбаланс

Диетата на Трамп обезбедува околу 1.283 мг калциум, што е во согласност со препораките за постарите лица. Сепак, тоа може да доведе до прекумерно внесување железо и калиум, потенцијално предизвикувајќи здравствени проблеми како преоптоварување со железо или проблеми со срцето. Од друга страна, внесот на витамин Д се чини недоволен, околу два микрограми дневно.

Извор: krenizdravo.dnevnik.hr

Фото: Facebook/Freepik