Трендови што ќе го обликуваат туризмот во 2025 година
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Годината штотуку започна и можеби не размислуваме за одење на одмор, но светските туристички компании, од „Ербиенби“ до „Букинг“, веќе ги најавуваат трендовите што ќе го дефинираат патувањето во наредните месеци. Од „ноќен туризам“ до бегството од технологијата, овие трендови ќе бидат популарни во 2025 година.
„Ноктуризам“: магијата на ноќта
Ноќниот туризам станува сè попопуларен, нудејќи уникатни искуства како што се ноќни музеи, биолуминесцентни плажи и набљудување на поларната светлина. Со зголемената активност на Сонцето во 2025 година, поларната светлина ќе биде особено впечатлива. Препорачани дестинации се Лапонија, норвешките Лофотенски Острови и Исланд.
„Калмкејшнс“: бегство од вревата
Во свет полн со стрес и врева, во подем е туризмот насочен кон релаксација и мир. Дестинациите што нудат тишина и природа стануваат сè попопуларни, особено откако СЗО ја нагласи штетноста од вревата, особено од сообраќајот, втората најважна причина за лошото здравје во Западна Европа.
Планирање на патувањата со помош на вештачката интелигенција
Технологијата сè повеќе влијае врз планирањето на патувањата. Се очекува околу 50 отсто од патниците да користат генеративна вештачка интелигенција за избор на дестинации. Сепак, многу туристички агенции сè уште се приспособуваат на оваа промена.

Фото: Freepik
Враќање на летните љубовни романси
Како одговор на „дигиталното согорување“, сè повеќе луѓе бараат можност да запознаваат нови луѓе во реалниот живот. Соло-патувањата стануваат сè попопуларни нудејќи можност за истражување и дружење.
Неоткриените дестинации стануваат мејнстрим
Проблемот со прекумерниот туризам ги натера патниците да бараат алтернативни дестинации. Узбекистан, Занзибар, Мадагаскар и оддалечените острови Алдабра се меѓу новите топ-локации. Сепак, класичните градови како Рим и Токио сè уште остануваат популарни.
„Кулкејшнс“ и сафари надвор од сезона
За оние што се навикнати на одмор во Јужна Европа, наместо прашањето: Каде е топло?, сега се поставува прашањето: Каде нема горештини? Така, температурните екстреми ги менуваат навиките на патниците. Северна Европа, каде што летните температури се околу 20 °C, станува сè попопуларна. Исто така, сафари-патувањата се префрлаат од декември на март поради климатските промени и поповолните цени.
Носталгични патувања
Поп-ѕвездата Тејлор Свифт е заслужна за поттикнувањето на патувањето и туризмот низ светот за време на нејзината турнеја „Ерас“, која заврши во декември 2024 година.
Како што милениумците стануваат средовечни, така се враќаат на одмори што ги сакале додека биле деца. Затоа во подем се летните кампови и кампувањата. Ова можеби е одговор на желбата за сигурност и утеха во несигурни времиња.
Извор:
Rts.rs
Фото: Freepik