Кој дел од денот е најдобар за зимска прошетка и што велат лекарите?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Прошетката на свеж воздух е одличен вид физичка активност во текот на целата година, но во зимските месеци има посебен ефект. Иако е потребна малку поголема волја, да се облечете топло и да излезете на ладното време, лекарите и многу истражувања тврдат дека токму зимската прошетка има силно влијание врз здравјето, особено ако се практикува во вистинско време. Според експертите, идеално време за зимска прошетка е утрото.
Зошто утрата се најдобри за зимска прошетка?
Иако секој има различен дневен ритам, научните истражувања покажуваат дека утрото носи најмногу придобивки при пешачење во зима. Истражување од 2023 година, објавено во списанието „Журнал оф сајколоџи“, покажало дека лицата што пешачеле наутро имале подобри резултати во регулирањето на шеќерот во крвта и крвниот притисок во споредба со оние што шетале попладне.
Дополнително, истражување од 2024 година открило дека изложувањето на утринско сонце при прошетката го подобрува квалитетот на сонот истата вечер. Со други зборови, утринската прошетка може да помогне полесно да заспиете и да се разбудите поодморени.
Природен стимул за енергија, подобар од кафето
Зимската утринска прошетка може да дејствува како природна замена за првата шолја кафе. Истражување од 2009 г. покажало дека луѓето што пешачеле надвор само 20 минути имале поголемо ниво на енергија во споредба со оние што вежбале во затворен простор.
Лекарите истакнуваат и потенцијални придобивки за слабеење, особено ако прошетката се изведе пред појадокот.
- Вежбањето кога резервите на гликоген се ниски може да помогне во согорувањето на мастите - објаснува д-р Мајкл Русо. Сепак, тој нагласува дека е важно да се внесат доволно протеини бидејќи во спротивно телото може да почне да го троши и мускулното ткиво.
Позитивен ефект врз менталното здравје
Покрај физичките придобивки, утринската прошетка во зима има силно влијание и врз менталното здравје. Студениот воздух го буди човекот, но исто така помага да се разјаснат мислите и денот да започне поспокојно.
Фитнес-експертот Адријан Тод истакнува дека прошетката на почетокот на денот може да ги зголеми продуктивноста, фокусот и чувството на внатрешна рамнотежа.
Ако не можете рано, тогаш постои алтернатива
Доколку прошетката наутро не ви одговара, експертите велат дека и прошетка во претпладневните часови може да донесе придобивки. Кратка пауза за пешачење пред ручек помага да се прекине долготрајното седење, да се освежи умот и да се врати енергијата, често поефикасно од кофеинот. Дополнителен плус е што тогаш има помалку метеж отколку за време на паузата за ручек или по работа.
Извор:
24sedam.rs
Фото: Freepik