Коронавирус: Колкави се шансите за смрт при зараза?

Коронавирус: Колкави се шансите за смрт при зараза?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачите моментално мислат дека на секои илјада заболени од коронавирус умираат меѓу 1 и 40. Како што наведуваат, најверојатната процена е дека тоа се 9 од илјада инфицирани, односно околу 1 отсто.

Последиците од вирусот зависат од цела низа фактори - вaшата возраст, полот и општото здравје, како и здравствениот систем на земјата во која се наоѓате.

Колку е тешко да се пресмета стапката на смртност?


Па, толку многу што ви е потребен докторат. Дури и пребројувањето на случаите е незгодно. Повеќето заболени нема да влезат во оваа пресметка затоа што луѓето обично не одат на лекар кога имаат благи симптоми.

Малку е веројатно различните стапки на смртност што ги пријавуваат земјите низ светот да се последица на различни верзии на истиот вирус.

Според истражувањето на Империјал колеџ, тоа е така затоа што различни земји се подобри или полоши во забележувањето на поблагите случаи кои е потешко да се забележат.

Фото: BBC

Значи, помалку пријавени случаи значи дека полесно ќе ја прецените стапката на смртност. Но, можете да погрешите и во спротивната насока.

Потребно е да помине одредено време пред заразата да заврши со закрепнување или смрт. Доколку ги пресметате сите случаи што сè уште немале шанса да се развијат докрај, ќе ја потцените стапката на смртност затоа што ги пропуштате случаите кои подоцна ќе завршат фатално.

Научниците комбинираат поединечни докази за секое од овие прашања за да направат комплетна слика на стапката на смртност. На пример, тие ја проценуваат пропорцијата на случаи со благи симптоми за мали, дефинирани групи на луѓе кои се набљудуваат многу внимателно. Но, незначително поразличните одговори во однос на тие докази ќе придонесат за големи промени во севкупната слика.

Доколку само користите податоци од кинеската провинција Хубеј, каде што се појави вирусот и каде што стапката на смртност беше многу повисока од каде било во Кина, тогаш вкупната стапка на смртност ќе изгледа многу полошо.

Затоа научниците даваат и рамка, како и најприближна моментална процена.

Но, дури ни тоа не ја раскажува целата приказна затоа што не постои единствена стапка на смртност.

Колкав е ризикот за луѓето како мене?

Кај некои луѓе е поголема веројатноста да починат доколку се заразат со коронавирусот: постарите, болните и можеби мажите. Во првата голема анализа, спроведена на 44.000 случаи од Кина, стапката на смртност била и десетпати повисока кај многу постарите отколку кај средовечните.



Стапките на смртност биле најниски кај помладите од 30 години - 8 смртни случаи во 4.500 заразени.

И смртта била најмалку 5 пати почеста кај луѓе со дијабетес, висок крвен притисок или проблеми со срцето и дишењето.

Постоел дури и незначително поголем степен на смртност меѓу мажите во однос на жените.

Сите овие фактори се во меѓусебна врска и сè уште немаме целосна слика за ризикот за секој тип човек на секоја локација.



Колкав е ризикот за луѓето од моето место на живеење?

Прогнозата зависи од лекувањето што може да се добие. За возврат, тоа зависи од она што е достапно и од стадиумот на епидемијата. Ако таа земе замав, тогаш здравствените системи би можеле да бидат затрупани со случаи - постојат ограничен број единици на интензивна нега или респиратори достапни во која била област.

Автор: Роберт Кафи
Извор: BBC