И само пет дена јадење нездрава храна може да направи промени во мозокот

И само пет дена јадење нездрава храна може да направи промени во мозокот

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со децении нездравата исхрана се сметаше за бавен проблем. Дека зголемувањето на телесната тежина се акумулира постепено. Шеќерот во крвта се зголемува тивко. Болеста се појавува по години таложење вишок килограми. Пораката беше дека повременото уживање е безопасно, нешто што телото лесно може да го апсорбира и заборави.

Но, неодамнешна студија ја оспорува таа претпоставка. Посочува дека мозокот може да реагира на нездрава храна многу побрзо отколку што мислиме, на начини што личат на раните фази на зависност.

Во студијата било побарано здрави млади мажи да додадат големи количини калорични закуски во нивната редовна исхрана – и тоа само пет дена. Оваа храна содржи огромен број калории во мал број залаци, што е карактеристика на модерните ултрапреработени оброци. Потоа, учесниците се вратиле на своите вообичаени навики во исхраната. Тоа кратко изложување било доволно за да се промени начинот на кој нивниот мозок реагирал на инсулин, а некои од тие промени останале дури и по завршувањето на диетата.

Во својата книга „Крај на прејадувањето“, поранешниот комесар на ФДА, Дејвид Кеслер, тврдел дека нездравата храна е создадена за да ги „киднапира“ системите за наградување на мозокот. Со комбинирање шеќер, масти, сол и текстура во високо концентрирани форми, овие намирници испорачуваат невообичаено моќен биолошки сигнал. Според Кеслер, проблемот не е недостигот на самоконтрола, туку средина со храна која ги експлоатира нервните кола, на начини слични на зависноста од дрога. Овие нови откритија нудат физиолошка причина зошто волјата сама по себе не е доволна одбрана.

Инсулинот не се однесува само на шеќерот во крвта

Повеќето од нас го поврзуваат инсулинот со дијабетес и контрола на шеќерот во крвта, но инсулинот влијае и врз мозокот. Тој помага во регулирањето на апетитот, намалувањето на желбата за храна и поддршка на меморијата и учењето. Инсулинот игра суштинска улога во одржувањето на рамнотежата при однесувањето во исхраната.

За да се проучи оваа улога специфична за мозокот, инсулинот бил доставен директно до мозокот преку назален спреј, заобиколувајќи го остатокот од телото, а промените во активноста на мозокот биле мерени со помош на функционална магнетна резонанција. По петдневната висококалорична диета мозоците на групата што се прејадувала покажале зголемена инсулинска реакција во регионите вклучени во наградата и мотивацијата. Овие области помагаат да се утврди колку е привлечна храната. Во исто време, учесниците покажале суптилни промени во однесувањето. Тие станале помалку чувствителни на награди и почувствителни на казна. Храната не била нужно попријатна, но системот за наградување на мозокот бил малку затапен и искривен.

Дополнително, маснотиите во црниот дроб значително се зголемиле по само пет дена. Ова се случило без  зголемување на телесната тежина и без мерливи промени во шеќерот во крвта, или чувствителноста на инсулин на целото тело. Иако телото изгледало здраво, неговиот метаболизам фундаментално се променил.

Една недела по враќањето на нормална исхрана, некои од претходните промени исчезнале, но други не. Регионите на мозокот вклучени во меморијата и визуелната обработка покажале намалена реакција на инсулин, во споредба со контролната група која никогаш не се прејадувала. Патиштата што ги поврзуваат регионите за награда и когнитивните региони, исто така, покажале суптилни знаци на намален интегритет. Накратко, мозокот не се врати целосно во првичната форма.


Брза диета со бавни последици


Мозокот брзо се адаптира на храна што дава големи количини енергија во компактни, многу наградувачки форми. Овие адаптации може да го направат прејадувањето поверојатно и ограничувањето потешко, дури и пред да се појават какви било видливи знаци на метаболичко заболување.

Ова е клучен аргумент во однос на зависноста од храна. Кога калориите се густо спакувани во единечни залаци, мозокот прима неприродно силен сигнал. Повтореното изложување ги тренира невронските кола да очекуваат и да го бараат тој интензитет. Со текот на времето, обичната храна може да ја чувствуваме помалку задоволувачка, не затоа што се променила, туку затоа што мозокот се променил.

Важно е што овие ефекти се забележани кај млади, здрави мажи без дебелина или дијабетес. Студијата не тврди дека пет дена нездрава храна предизвикува долготрајна болест. Туку дека патот кон метаболичко заболување може да започне порано и посуптилно отколку што претпоставуваме, почнувајќи од мозокот. Отпорноста на инсулин во мозокот може да се појави пред периферната инсулинска резистенција, пред зголемувањето на телесната тежина и пред да се појават какви било клинички „црвени знамиња“.

Она што го јадеме не само што го напојува телото, туку го тренира и мозокот. 

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik