Реакција за новата Предлог-концепција за гимназиско образование од Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет при УКИМ

Реакција за новата Предлог-концепција за гимназиско образование од Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет при УКИМ

Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, кој оваа година одбележува 80 години од своето основање, претставува една од клучните институции што имаат главна улога во развојот на педагошката теорија и практика. Во текот на изминатите осум децении, Институтот за педагогија континуирано придонесува во унапредувањето на воспитно-образовниот систем, како преку научноистражувачката работа така и преку директното учество во креирањето и имплементацијата на образовните политики.

Институтот упатува реакција во контекст на јавната расправа по повод новата предлог-концепција за гимназиско образование, за која наставниците од Институтот за педагогија изнесоа свои стручни мислења и забелешки, особено во однос на изоставувањето на наставниот предмет Педагогија во наставниот план за гимназиско образование. Доставените забелешки и предлози до Бирото за развој на образованието, подготвени врз основа на научни и стручни аргументи, се приложени во интегрална верзија:


Институтот за педагогија со сериозна загриженост и разочараност ја прими информацијата дека Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието изработиле нова Концепција за гимназиско образование (2026), во која, и покрај претходно доставените стручни укажувања и аргументи, предметот Педагогија повторно не е вклучен во наставниот план, ниту како изборен предмет. Со ваквата одлука се занемаруваат стручните анализи и аргументи изнесени од Институтот во рамките на јавната расправа одржана во текот на минатата година, што претставува сериозен чекор назад во унапредувањето на квалитетот на гимназиското образование.
Истакнуваме дека Институтот за педагогија по вторпат јавно реагира и аргументирано укажува на значењето и неопходноста од изучување на предметот Педагогија во гимназиското образование. Фактот што нашите реакции не се земени предвид отвора сериозни прашања за смислата и кредибилитетот на јавната расправа, како и за реалната вклученост на стручната и научната јавност во процесот на креирање образовни политики. Јавна расправа без суштинско уважување на стручните мислења се сведува на формалност, а не на демократски и инклузивен процес.

Изоставувањето на предметот Педагогија од гимназиското образование претставува систематско потиснување на воспитната димензија во образованието. Во услови на изразени општествени, морални и вредносни кризи, како и со зголемени предизвици поврзани со однесувањето на младите, менталното здравје, насилството и социјалната одговорност, ваквата одлука не е само стручнo неоправдана, туку и општествено неодговорна.

Педагогијата во гимназиите не е „вишок“, туку неопходен предмет кој придонесува за развој на критичко мислење, саморефлексија, морална свесност и разбирање на воспитно-образовните процеси. Таа ги подготвува учениците за активно и одговорно граѓанство и претставува значајна основа за понатамошни студии во областа на воспитанието и образованието, општествените и хуманистичките науки. Сметаме дека укинувањето на предметот Педагогија нема да придонесе за подобрување на квалитетот на средното гимназиско образование, кој сите го посакуваме, ниту ќе ги даде очекуваните резултати.

Институтот за педагогија јасно и недвосмислено укажува дека реформите во гимназиското образование не можат да бидат квалитетни доколку се спроведуваат без сериозен дијалог со стручната јавност и без почитување на научно заснованите аргументи. Оттука, Институтот бара повторно разгледување на Концепцијата и вклучување на предметот Педагогија во наставниот план на гимназијата, најмалку како изборен предмет. Во спротивно, институциите кои свесно ги игнорираат стручните предупредувања ќе ја носат одговорноста за последиците од ваквите одлуки врз воспитно-образовната функција на гимназијата и врз идните генерации ученици.
Во прилог на ваквиот став ги наведуваме претходно доставените стручни аргументи, анализи и укажувања, кои не беа земени предвид при изработката на новата предлог Концепција за гимназиско образование.

- Во актуелниот постоечки Наставен план за гимназиското образование, наставниот предмет Педагогија е застапен како изборен предмет во јазично-уметничкото подрачје (Комбинација А и Б на изборни предмети) во III година со 2 часа неделно, 72 часа годишно, како и во Општествено - хуманистичкото подрачје (Комбинација Б на изборни предмети) во III година со 2 часа неделно, 72 часа годишно.
- Согласно презентираните податоци во предлог Концепцијата од спроведеното истражување од страна на Бирото за развој на образованието, со цел согледување на мислењата, ставовите и преференците на учениците и наставниците за реформите во гимназиското образование, нема соодветни аргументи за укинување на изборни предмети. Напротив, резултатите од истражувањето укажуваат на тоа, дека наставниците сметаат дека е потребно зголемување на бројот на изборните на сметка на задолжителните предмети. Истражувањето не нуди никакви експлицитни податоци и аргументи кои директно укажуваат на потребата за укинување на предметот Педагогија.
- Укинувањето на предметот Педагогија во средното гимназиско образование значително ќе ги осиромаши учениците со стекнување на знаења базирани на факти, идеи, концепти, теории и практики од областа на воспитанието и образованието кои се значајни за современото општествено живеење и доживотно учење.
- Самиот предмет со тематските целини кои ги нуди како што се: Општеството и воспитанието, Педагогијата и основните педагошки поими, Фактори во развитокот на личноста, Воспитаник - воспитувач, Семејно воспитание, Училиштен систем, Современи принципи на воспитанието, Педагогија на слободно време, овозможува учениците да се стекнат со базични знаења за педагогијата, воспитанието и образованието, да ги развиваат интелектуалните капацитети за анализа и синтеза, да развиваат интерперсонални вештини, да дискутираат за практични воспитни проблеми, да го почитуваат диверзитетот, инклузивноста и мултикултурноста, како и да развиваат способности за генерирање на нови идеи (креативност).
- Наставните содржини по предметот Педагогија придонесуваат кон формирање, прифаќање и практикување на вредностите во текот на гимназиското образование, тие ја обезбедуваат основата за етичко размислување и дејствување, тие се главен мотиватор за користење на стекнатите знаења и вештини на начин што е во согласност со личните и општествени морални норми и правила. Врската меѓу знаењата, вештините, вредностите и ставовите е комплексна и взаемно условена, а Педагогијата со своите наставни содржини тоа го овозможува.
- Со поголема застапеност на изборни предмети во наставниот план за гимназиско образование ќе се овозможи поголема индивидуализација на наставата, при што секој ученик ќе има можност да го оформува својот образовен профил. Изучувањето на изборни предмети е насочено кон постигнување на резултати кои ги прошируваат знаењата во избраните научни области и им помагаат на учениците за запишување на факултет од областа на нивниот интерес. Така беше досега и со изборниот предмет Педагогија кој директно е поврзан со запишувањето на гимназијалците на наставничките и педагошките факултети во нашата држава.
- Концепцијата за гимназиско образование треба да ги прифати предизвиците, систематски и сеопфатно да ги спроведе реформите, а не да укинува наставни предмети, како што е случајот со Педагогија, кои со години наназад имале значаен придонес во развојот на личните и професионални вештини и способности. Укинувањето на наставниот предмет Педагогија се коси со модернизацијата на наставниот план и програми со законски загарантираното право за стекнување знаења и развој на интелектуалните способности преку предмети од различни области, како што е и областа на општествените и хуманистичките науки.
- Во сите досегашни Концепции и Наставни планови за средно гимназиско образование, од далечното минато до денес, педагогот како стручен профил бил вклучен во процесот на реализација на наставата по предметот Педагогија. Како професор по педагогија, педагогот со сите свои стекнати основни и специфични компетенции за време на своето иницијално образование, посветено, професионално и одговорно работел со секој ученик, почитувајќи ги највисоките вредности што промовираат инклузивност, почитување на човековите права и активно прифаќање на различностите, за што сведочат бројни пофалници, признанија и награди кои ги имаат добиено значаен број од нив. Тие се клучна алка во воспитно-образовниот процес на гимназијата, но и пошироко.
Врз основа на горенаведеното се надеваме дека ова наше барање ќе биде разгледано и прифатено и дека нема да се дозволи предметот Педагогија без никаква педагошка, теориска и практична аргументираност да биде укинат. Овој наставен предмет треба да продолжи да го дава својот придонес во академскиот развој на учениците, како значаен наставен предмет, кој преку своите содржини ќе овозможи учениците да се стекнат со широк спектар на знаења, вештини и способности, да развијат интереси и компетенции и да се подготват за општествен живот, работа и доживотно учење. Со оглед на неговата важност сметаме дека уште поголем придонес би дал доколку се изучува како задолжителен наставен предмет.

Институтот за педагогија останува отворен за дијалог, но истовремено цврсто стои на ставот дека предметот Педагогија неопходно треба да го задржи своето место во гимназиското образование.



Наставен кадар на Институтот за педагогија