Сончевата светлина го неутрализира коронавирусот 8 пати побрзо отколку што се претпоставуваше

Сончевата светлина го неутрализира коронавирусот 8 пати побрзо отколку што се претпоставуваше

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачи од Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара, Државниот универзитет во Орегон, Универзитетот во Манчестер и ЕТХ Цирих повикуваат на посветување поголемо внимание на способноста на сончевата светлина да го неутрализира коронавирусот откако утврдија дека најновите студии не даваат резултати како што се очекуваше.

Тимот споредил податоци од студија од јули 2020 година во која било пишувано за брзата деактивација на коронавирусот од сончева светлина во лабораториски услови со теорија за деактивација на коронавирусот од страна на соларната радијација објавена само еден месец претходно, односно во јуни 2020 година.

Тие забележале дека вирусoт бил деактивиран и до осум пати побрзо во експериментите отколку што предвидувал неодамнешниот теоретски модел.

- Теоријата претпоставува дека деактивацијата функционира така што УВБ-зраци удираат во РНК на вирусот, притоа оштетувајќи го - истакнува Паоло Луцато-Фегиз, водечки автор и професор по машинство.

Сепак, истражувачкиот тим почувствувал дека деактивацијата на РНК од страна на УВБ-зраците можеби и не е целата приказна. Научниците шпекулираат дека можеби има друг механизам настрана од деактивацијата на РНК од страна на УВБ-зраците, како што се УВА-зараците, помалку енергетската состојка на сончевите зраци.

- Луѓето мислат дека УВА-зраците немаат толкав ефект, но можеби тие се во интеракција со некои молекули во средината - вели Луцато.

За возврат, тие молекули можеби се во интеракција со вирусот, притоа забрзувајќи ја деактивацијата.

- Па, научниците сè уште не знаат што се случува. Нашите анализи покажуваат на потребата за дополнителни експерименти за одделно да се тестираат ефектите на одредени бранови должини на светлината и композицијата на средината - вели Паоло.

Ако се покаже дека УВА-зраците можат да го деактивираат коронавирусот, тоа може да се докаже како многу корисно бидејќи има многу евтини ЛЕД-ламби кои се дури и посилни од природната сончева светлина. УВА-зраците, исто така, потенцијално може да се користат за да се засили ефектот на системите за филтрирање на воздухот со релативно мал ризик за човековото здравје.

Извор: Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay