„Џонатан е жив“: Најстарата желка во светот лажно прогласена за мртва поради крипто-измама
Џиновската желка Џонатан, стара 194 години, беше вмешана во измама откако некој од лажен профил на социјалната мрежа „X“, претставувајќи се како нејзин ветеринар, објавил вест за нејзината смрт и побарал донации во криптовалути.
Многу светски медиуми, повикувајќи се на објава од наводниот ветеринар Џо Холинс, објавиле вест дека желката умрела.
- Со скршено срце соопштувам дека нашиот сакан Џонатан, најстарото копнено животно во светот, денес мирно почина на Света Елена. Како негов ветеринар долги години, ми беше чест што се грижев за него. Тој зад себе остава наследство на издржливост и долговечност што инспирира милиони - стоело во објавата.
Меѓутоа, се покажало дека профилот е лажен и поврзан со Бразил, додека вистинскиот ветеринар, исто така Џо Холинс, ја демантирал веста истакнувајќи дека желката е жива и дека лицето што се претставува како него бара крипто-донации, што е измама.
Во моментот на објавување на лажната вест, измамникот навистина собирал донации во криптовалути, по што дел од медиумите ги повлекле своите објави.
Гувернерот на Света Елена, Најџел Филипс, изјавил дека лично ја проверил состојбата на терен.
- Џонатан спие под едно дрво. И тоа како е жив - изјавил тој.
Џонатан, џиновската сејшелска желка, се смета за најстарата позната копнена животна форма. И покрај длабоката старост, слепилото и ослабеното сетило за мирис, желката сè уште е со добро здравје, со изразен апетит и активно однесување.
Локалните власти објавиле и фотографија од желката, направена по нејзиното будење од повеќечасовен сон.
Извор:
Euronews.rs
Фото:
Instagram