Како мачките го подобруваат нашето здравје?

Како мачките го подобруваат нашето здравје?

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако на љубителите на мачки не им се потребни докази, науката потврдува - мачките може да придонесат за физичкото и менталното здравје.

Сè повеќе студии покажуваат дека мачките можат да ја подобрат општата благосостојба на нивните сопственици така што ја намалуваат осаменоста, даваат емоционална поддршка, поттикнуваат смеа и позитивни емоции. Нивната разиграност и карактеристично однесување, особено по играње или галење, го подобруваат расположението и влијаат врз лачењето на хормоните на задоволство.

Истражувањата покажуваат дека интеракцијата со мачки активира делови од мозокот како префронталниот кортекс и долниот фронтален гирус, што позитивно влијае врз расположението и психофизичкото здравје.

Во една студија луѓето што имаат мачки пријавиле помалку негативни емоции и чувства на изолација. Интересно е што самците со мачки често се посреќни од луѓето што имаат партнер и мачка.

Мачките и стресот

Контактот со животни може да ги намали нивото на кортизол (хормонот на стрес) и крвниот притисок.

Во истражување со брачни парови, сопствениците на мачки имале понизок пулс и крвен притисок во мирување, при стресни задачи тие се чувствувале предизвикани, а не загрозени, правеле помалку грешки и побрзо се ослободувале од стресот.

Најдобри резултати биле забележани кога мачката била присутна за време на стресни ситуации. Дури и 10 минути интеракција со мачка може да ги намали крвниот притисок и срцевиот ритам, а ефектот е поизразен кај долгогодишните сопственици.

Луѓето и мачките развиваат меѓусебна врска која може да влијае и врз односите со другите луѓе, а меѓу позитивните ефекти се зајакнувањето на чувството на поврзаност, зајакнувањето на емпатијата и великодушноста и развој на социјална сигурност.

Истражувањата покажуваат дека сопствениците на мачки често се поотворени и покреативни, пољубопитни, понекогаш и поинтровертни, што не мора да е негативно.

Кај лицата што имаат социјална анксиозност, мачките може да им помогнат за рутина и емоционална стабилност.



Предење - природна терапија?

Еден од најпрепознатливите звуци што ги прават мачките е предењето, кое се движи помеѓу 25 и 150 херци. Според истражувањата, фреквенциите помеѓу 25 и 50 херци можат да ги стимулираат мускулите и може да придонесат за заздравување на коските.

Мачките предат кога се гладни, среќни или кога се под стрес. Кога се свиткуваат до вас и предат, тие може да активираат механизми за самолекување, а овој ефект може да влијае и врз вас.

Сепак, важно е да запомните дека мачките можат да бидат значајна поддршка, но тие не се замена за психотерапија или медицински третман. Во случај на сериозни проблеми со менталното здравје, неопходна е стручна помош.

Автор: Маријана Рајиќ
Фото: Freepik