Приказната за првиот етиопски волк кој бил спасен од луѓето и вратен во дивината

Приказната за првиот етиопски волк кој бил спасен од луѓето и вратен во дивината

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Колкава е вредноста на едно животно? Кога диво животно е тешко повредено, најхуманата опција често е евтаназија за да се спречи понатамошно страдање. Тоа е она што обично се случува, и често со добра причина. Дури и кога се достапни ресурси за спасување на едно животно, рехабилитирано животно вратено во дивината може да биде отфрлено од неговата група, или да се бори да најде храна, или пак да бега од предатори. 

Но, одвреме-навреме се појавува случај каде што едно животно станува доказ дека интервенцијата може да направи повеќе. 

Ова е приказна за давање шанса, а приказната е лоцирана на планините Симиен во Етиопија. Воздухот на тоа место е редок бидејќи се работи за 3.000 метри надморска височина, ноќите се ладни, а животот е прилично суров. Ова е домот на етиопскиот волк (Canis simensis), главниот предатор во ова живеалиште, а воедно и најзагрозениот месојад во Африка. Во етиопските висорамнини остануваат помалку од 500 возрасни волци, а 60-70 се во планините Симиен.

На почетокот на мај 2020 година мажјак од овој вид претрпел тешка повреда, фрактура на бутната коска – и тоа од истрел. Тој не можел да ја следи својата глутница на место толку сурово како што се висорамнините, па вообичаено тоа би бил крајот на приказната. Но, овој пат не било така.

фотоизвор: Ethiopian Wolf Conservation programme screenshot

Се работи за првиот документиран случај на спасување етиопски волк, клинички лекуван во заробеништво и успешно вратен во дивината по рехабилитацијата.

Терефе - среќниот преживеан


Чуварите на паркот го откриле волкот како лежи под мост и го известиле Гетачеу Асефа, водачот на тимот за следење на волците од „Програмата за зачувување на етиопските волци“ во Националниот парк Симиен. Невообичаено е етиопски волк да биде застрелан во паркот. Затоа одлучиле да го спасат исплашеното животно.

Мало планинско засолниште било претворено во импровизиран ограден простор за волкот. Таму, во текот на следните 51 ден, започнала неговата рехабилитација. Волкот добил интензивен ветеринарен третман воден од етиопски експерти за волци. На почетокот напредокот бил неизвесен, но потоа скршените коски почнале да заздравуваат и, по еден месец, волкот можел да стои.

Тој бил наречен Терефе, што значи „среќен преживеан“.

Враќање во дивината: приказна за надеж

Откако неговата нога заздравила, желбата на Терефе да го напушти засолништето почнала да се покажува. Тој завивал ноќе, можеби како обид да ги повика членовите на својата глутница.

Кон крајот на јуни 2020 година бил пуштен во близина на глутницата, опремен со лесен ГПС-ѓердан, прв што некогаш бил поставен на етиопски волк. Ова им овозможило на истражувачите да ги следат неговите движења и да истражат дали рехабилитиран волк може да се реинтегрира во дивината?



Набљудувањата покажале дека Терефе бил добредојден во својата глутница. Набрзо почнал да патува по планините, понекогаш посетувајќи соседни глутници, а на крајот се населил во близина на селото Шехано.

На почетокот, селаните биле изненадени кога виделе волк во близина на нивните домови и се обиделе да го избркаат. Но, набљудувачите на волци им ја објасниле приказната за преживувањето на Терефе. Тоа ја зголемило подготвеноста на селаните да го заштитат Терефе... и неговите нови членови на глутницата. Терефе нашол партнер и тие имале легло од мали волци.

Историско спасување кое заштитило повеќе од само еден живот


Денес, глутницата Терефе сè уште постои. Тој не само што преживеал, туку создал и потомство. Исто така, променил нешто што е навистина важно, но тешко се мери: локалните перцепции. Волците понекогаш се сметаат за закана. Но, поради Терефе, тие станале симбол на отпорност и извор на гордост.

Приказната за Терефе не значи дека секое повредено диво животно може или треба да се спаси. Но, кога интервенцијата е внимателно извршена, еден живот може да има поголемо значење, не само за загрозените видови, туку и за луѓето што живеат покрај нив.

Извор: phys.org

Фото: Ethiopian Wolf Conservation programme screenshot/Instagram screenshot