Концерти во автомобили во Данска - единствениот начин да се забавувате на отворено

Концерти во автомобили во Данска - единствениот начин да се забавувате на отворено

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Коронавирусот им стави крај на концертите во блиска иднина. Експертите предвидуваат дека собирите во голема публика нема да бидат безбедни најрано до есента 2021 година, но Данска не може да чека толку долго.

Минатата недела градот Орхус одржа драјв-ин концерт каде што публиката можеше да ужива во музика во живо од удобноста на автомобилот.

Владата во Данска спроведе мерки за социјално растојание слични на оние во целиот свет. Следејќи ги правилата, жителите на Орхус одлучиле да направат нешто креативно. Така била поставена сцена во предградието на градот, а пејачот и текстописец Медс Лангер настапуваше пред публиката која го следеше од социјално дистанцирани автомобили. Настапот се емитувал и на радиостаниците.

Како што вели Лангер, бил прилично задоволен од тоа како се одвивал настапот.

- Чувството кога се соединувате со вашите обожаватели иако седеа безбедно во нивните автомобили - напиша тој на неговиот инстаграм-профил под фотографијата на која се прикажува неговиот настап.


Според луѓето што го организирале настанот, тој поминал непречено.

- Има само позитивни пораки од луѓето. Настапот беше под контрола. Луѓето се однесуваа како што треба и сите автомобили беа на истото место за време на концертот. Постојано патролиравме и ги потсетувавме да одржуваат дистанца дури и кога чекаа во ред - изјави локален полицаец.

Данците не се единствени што го пробаа овој нов, привремен концертен модел. Концертните промотери од Литванија почнаа серија на драјв-ин концерти наречена „Драјв ин лајв“ во организација на агенцијата „Шоу арт“. Концертите се одржуваат на 30 километри од главниот град Вилнус. Дозволен е престој на две лица во автомобилот, освен ако не станува збор за семејство. Никому не му е дозволено да го напушти автомобилот. Идејата им се допадна и на американските промотери кои најавуваат дека наскоро ќе почнат со слични драјв-ин концерти.

Фото: Instagram