Ако голем астероид се насочи кон Земјата, катастрофата е неизбежна

Ако голем астероид се насочи кон Земјата, катастрофата е неизбежна

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Моментално на Земјата не постои технологија која би можела да спречи удар од голем астероид, покажува симулација неодамна спроведена од страна на американската вселенска агенција НАСА. Симулацијата покажала дека катастрофата би била неизбежна, дури и доколку би имале временски рок од шест месеци да се подготвиме за потенцијален удар од голем астероид.

Ова хипотетичко сценарио било дискутирано на конференција за планетарна одбрана организирана од Обединетите нации во соработка со Европската вселенска агенција.

- Доколку би се соочиле со вакво сценарио во вистинскиот живот, со моменталните опции, не би можеле да лансираме какво било вселенско летало во толку краток рок - заклучиле учесниците на конференцијата.

Единствениот одговор на таквиот настан би била евакуација на загрозеното подрачје пред ударот. Во симулацијата, астероидот удрил во Европа, а ударот зафатил и голем дел од Северна Африка.


Фото: Pixabay

Според Линдлеј Џонсон, офицер за планетарна одбрана на НАСА, недостигот на решенија во оваа област е една од многубројните причини зошто се потребни поголеми и понапредни ракети.

НАСА веќе работи на технологија за одбивање астероиди и планира да ја лансира првата тест-мисија на системот за пренасочување на астероиди кон крајот на оваа година. Леталото треба да стигне до астероидот Диморфос до наредната есен. Во рамките на мисијата НАСА ќе се обиде да ја смени орбитата на астероидот и евентуално да покаже дека ваквата стратегија би можела да спречи удар од небесно тело во иднина.

Астероидот Диморфос не претставува никаква опасност за Земјата, но се наоѓа на совршено место за тестирање на новата технологија. НАСА моментално следи околу 25.000 опасни небесни тела во близина на Земјата, а секоја недела на оваа листа се додаваат околу 30 нови.

Извор: rts.rs