Во кои години сме најсреќни и најздрави: Врвот на животот доаѓа подоцна отколку што мислите

Во кои години сме најсреќни и најздрави: Врвот на животот доаѓа подоцна отколку што мислите

Вообичаено е мислењето дека животот го достигнува својот врв во дваесеттите години, по што следува пад. Но, според едно ново истражување, врвот на здравјето и среќата го достигнуваме на 47 години, што може да го промени погледот на стареењето кај многумина кои со непријатност размислуваат за четириесеттите. 

Истражувањето, нарачано од брендот за дентално здравје „Тепе“, опфатило 2.000 Британци кои одговарале на прашањето кога, според нив, здравјето и среќата го достигнуваат врвот. Резултатите јасно укажуваат на доцните четириесетти како идеален период.

Миранда Паскучи, раководителка за клиничка едукација во „Тепе“, објаснува дека клучот лежи во промената на пристапот кон здравјето. Наместо фокус на изгледот, луѓето во четириесеттите сè повеќе посветуваат внимание на тоа како се чувствуваат и како им функционира телото.

- Со годините многумина почнуваат да сфаќаат дека здравјето не е само она што се гледа однадвор. Важно е како се чувствувате и колку добро функционира вашето тело - вели таа.

Стареењето носи задоволство

Речиси половина од испитаниците постари од 40 години изјавиле дека во подоцнежната возраст подобро го разбираат своето тело, а таа самодоверба очигледно има големо влијание. Луѓето стануваат посвесни за сопствената благосостојба, почесто избираат поквалитетна исхрана и значително поретко претеруваат со излегувања.

Повеќе од една четвртина од испитаниците признале дека пијат и излегуваат многу помалку отколку во дваесеттите и триесеттите години. Замената на доцните излегувања и нередовните оброци со порано легнување и побалансирана исхрана очигледно дава резултати. Околу 35 отсто од испитаниците навеле дека помалку ги загрижува туѓото мислење и повеќе се фокусираат на сопственото здравје. Дополнително, 26 отсто истакнале дека одржувањето чекор со децата или внуците ги поттикнува да бидат поактивни. Сето тоа ги прави доцните четириесетти помалку кризен период, а повеќе време на лично осознавање.

Грижата за здравјето не смее да чека

Сепак, пред да ја поминете следната деценија во исчекување на врвот на среќата, важно е да се има предвид уште една работа. Друго истражување, исто така спроведено на 2.000 Британци, покажало дека луѓето денес за „стари“ се сметаат дури од 69 години, што е поместување во споредба со порано кога таа граница била околу 62 години.

Ако 69 навистина е новата „старост“, вистинското време да се грижите за здравјето е сега.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific