ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Колку острови има во Македонија?

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Колку острови има во Македонија?

Подготвил: С.Ѓ

Лектор: Ивана Кузманоска

Во оваа рубрика ви пренесуваме интересни податоци за нашата земја


Македонија има природни убавини што им мамат воздишки и на домашните и на странските туристи. Островите не се наша одлика, ако се знае дека има држави и со повеќе од 200 острови на својата територија.

Во денешната рубрика „Дали знаете“ ќе расчистиме една дилема, колку всушност острови има во Македонија? 

Во релевантната светска литература за остров најчесто се смета копнена површина поголема од 0,01 квадратен км  (1 хектар) опкружена со вода. Според проф. д-р Ивица Милевски, нивните анализи и дигитални модели на релјефот покажуваат дека Македонија има 13 типични острови.





Најголем од нив е Голем Град на Преспанското Езеро, со површина од 23 хектари. Останатите природни езера немаат острови, но ги има на вештачките: Тиквешкото (остров Градиште) и Калиманското Езеро (Калата). Од нив, островот Градиште е поголем (2,2 хектари) и потипичен, со најголема височина од 20 метри над езерото. Во Македонија има и 10 речни острови поголеми од 1 хектар, сите на реката Вардар низводно од вливот на Пчиња. Најголем речен остров е кај с. Удово, следува островот кај с. Уланци и островот во Демиркаписката Клисура, островот кај с. Тремник, во Таорската Клисура и островот кај с. Градец.


Островчето на Тиквешкото Езеро (фото:igeografija.mk)


Голем град или Змиски Остров, како што е познат, има елипсовидна форма со должина од 750 м, а широк е 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Островот е исклучително значајно подрачје од националниот парк Галичица поради постоењето на неколку еколошки феномени.


Од растителниот свет јасно се издвојуваат две шумски заедници, и тоа шумата на дива фоја и шумата на вебиевиот бадем и мазната копривка. Од животинскиот свет присутни се големиот корморан (Phalocrocorax carbo) и кадрoглавиот пеликан (Pelеcanuscrispus). Карактеристична појава на островот е тоа што единките од змијата рибарка и скалестата гуштерица се многу покрупни во однос на единките од копнените популации, додека единките на поскокот (Viperaammodytes) се со џуџест раст, стои на интернет-страницата на националниот парк Галичица.


Странските туристи се чести посетители на островот


На островот на мала површина сконцентрирани се голем број културно-историски споменици. Освен сочуваната црква „Св. Петар“, средновековната црква „Св. Димитрија“, постои и ранохристијанска базилика, каде што се откриени остатоци од поден мозаик.

Голем Град е отворен за посетителите. Направени се камени патеки и поставени се патокази со информации за посетителите на македонски и на англиски јазик.




Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и истражувањето на остатоците на населбите од неолитот, хеленистичкото и римското време (некропола) и средновековието. Освен римската некропола, откриени се шест цркви, а постоеле 12. Островот впрочем бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, од особен интерес е онаа подигната и живописана во XIV врз темели на римска цистерна за вода. 


Фрескопис од црквата „Св.Петар“ (Википедија)


Освен сочуваната црква „Св. Петар“, средновековната црква „Св. Димитрија“, постои и ранохристијанската базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде што се откриени остатоци од поден мозаик. Островот бил привлечен уште во римската епоха и подоцна во средновековието, што се потврди со два откриени слоја гробови кај постојната црква „Св. Петар“ (14 век) и кај темелите на црквата „Св. Димитрија“. Од 1967 година се вршени археолошки истражувања на островот и се откриени остатоци уште на две ранохристијански цркви (4-5 век).



Во црквата „Св. Петар“ (14 век) постои фасадна фреска (на јужната страна) со мошне успешни композиции ,,Опсадата на Цариград“ и ,,Бегството во Египет“, за кои академик Цветан Грозданов вели дека се реткост на Балканскиот Полуостров.



Релјефот на Голем Град (фото: Стефан Петровски)


Островот има три пристаништа: „Св. Петар“, „Гојдарица“ и „Влаија“. Една легенда вели дека Крали Марко, додека се шетал покрај Преспанското Езеро, посакал да го види и езерцето Мала Преспа. Се качил на еден камен и, така силен, на него оставил отпечаток од стапалото. Тоа парче карпа и денес стои таму, на граничниот премин со Грција. Велат, ако го ставите своето стапало, ќе забележите дека Марко сигурно носел обувки барем со број 90.