Летна НАТО-школа – дел од меѓународната соработка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Летна НАТО-школа – дел од меѓународната соработка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

На школите присуствуваат 50-ина учесници (студенти на втор и трет циклус студии и постдокторанди) и 15 предавачи од земји-членки на НАТО

NATO Advanced Study Institute (NATO-ASI) е летна школа организирана од научни институции од земји-членки на НАТО и земји-партнери на НАТО во рамките на програмата „Наука за мир и безбедност“ (NATO Science for peace and security). Таа е наменета за студенти од втор и трет циклус студии, како и за постдокторанди, а наставата ја изведуваат еминентни професори од оваа област, од Европа и САД. Главни цели на школата се:

1. Презентирање на најновите научни и апликативни достигнувања од областа на примена на наноматеријалите и нанотехнологиите во различни полиња на дијагностицирање и заштита од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни (CBRN) агенси, како и натамошните перспективи и трендови од оваа област;

2. Настава и обука на учесниците за научните и технолошките аспекти на наноструктуираните материјали и уреди кои се користат од областа на детекција и заштита од CBRN агенси, како на пример, најновите генерации софистицирани сензори или, пак, примена на наноматеријалите и нанотехнологиите за ефикасна заштита од истите;

3. Иницирање и развивање прекугранична и интердисциплинарна соработка помеѓу младите научници за развивање и имплементација на најновите научни нанотехнолошки достигања, за совладување и надминување на најновите безбедносни предизвици. Една од главните идеи на школата е развивање и вмрежување на капацитетите за развој на наноматеријалите и нанотехнологиите за подигање на светскиот безбедносен систем, на повеќе нивоа, и тоа: меѓуинституционално, меѓудржавно, генерациско и интердисциплинарно.

Advanced Study Institute (NATO-ASI)


Благодарение на долгогодишната меѓународна, меѓуинституционална соработка на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со повеќе сродни институции од Европа, стана дел од овие НАТО-активности уште во 2007 година, во Синаја, Романија, со учеството на проф. Перица Пауновиќ. Веќе следната година, на НАТО-школата во Созопол, се воспостави интензивна соработка со проф. Кирил Попов од Универзитетот во Касел, Германија, и проф. Пламен Петков од Универзитетот за хемиска технологија и металургија од Софија, Бугарија, со кои во континуитет до денес се одржаа пет НАТО-школи во Созопол, Бугарија. На првата НАТО-школа во 2008 г. проф. Пауновиќ беше предавач, а тогаш доцент Емилија Фиданчевска (денес редовен професор) учесник. Во 2010 година Пауновиќ стана кодиректор на НАТО-школата со проф. Јохан Петер Рихтмаер од Универзитетот во Касел, Германија.

Проф. Перица Пауновиќ, директор на НАТО-школата во 2010 год.

- Оттогаш нашиот факултет има поголемо учество на школата, и со предавачи и со учесници. Таа година беа презентирани најновите достигнувања на научната работа на Технолошко-металуршкиот факултет од различни подрачја на нанонауката, како примена на неплатински нанодимензионирани електродни материјали во водородната економија (проф. Перица Пауновиќ), добивање и карактеризација на јаглеродни наноструктури (проф. Александар Димитров), добивање и карактеризација на нанокомпозити зајакнати со јаглеродни наноструктури за наносензори (проф. Анита Грозданов), добивање и карактеризација на порозна и компактна нанодимензионирана керамика базирана на Al2O3 (проф. Емилија Фиданчевска) и постапка на ласерска аблација за добивање полимерни филмови наменети за сензорска апликација (проф. Јадранка Блажевска Гилев) – објаснува Пауновиќ.

Македонските учесници на НАТО-школата во 2010 год.

Присуствуваат 50-ина учесници

Во натамошниот период Пауновиќ е редовен предавач на НАТО-школата, каде што во 2014 година ги презентира најновите достигнувања во развивањето сопствени постапки за синтеза на нанодимензиониран TiO2 (анатаси рутил), како и нестехиометриски оксиди на титанот – Мањели фази и нивна примена во водородната економија и фотокатализата. Во 2017 година презентирани се резултати од истражувањата направени во Институтот за динамика на комплексни технички системи „Макс Планк“ во Магдебург, Германија, од областа на примена на Мањели фазите како носечки материјал за електроди во алкална водородна горивна ќелија, како и за алкални водородни електролизери. На последната НАТО-школа во 2019 година Пауновиќ презентира дел од резултатите од научните истражувања во рамките на проектот: „Примена на јонизирачка ирадијација во нанотехнологијата со цел заштита на животната средина, енергијата и здравјето“ (Application of Ionic Irradiation in Nanotechnology for Environmental Energy and Health Purposes) финансиран од меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) под раководство на проф. Анита Грозданов. Под негово раководство беа истражувањата поврзани со структурните промени настанати како резултат на озрачување на нанодимензиониран TiO2, со β-зрачење и рендгенски, x-зраци.

Од предавањата на проф. Перица Пауновиќ во 2014, 2017 и 2019 год.

На школите присуствуваат 50-ина учесници (студенти на втор и трет циклус студии и постдокторанди) и 15 предавачи од земји-членки на НАТО (Германија, Шпанија, Италија, Франција, Бугарија, Хрватска, Полска, Чешка, Романија, Словачка, Унгарија, Грција, Турција, САД и Канада) и земји-партнери на НАТО (Македонија, Украина, Молдавија, Мароко, Алжир, Египет, Узбекистан). Покрај едукативниот карактер, школата има и натпреварувачки карактер за учесниците – студенти. Презентирањето на нивните научни трудови се бодира од десетчлено жири составено од предавачите. На ова поле, учесниците од Технолошко-металуршкиот факултет имаат покажано исклучително добри резултати.

Награди за нашите учесници


Во 2008 година Емилија Фиданчевска освојува втора награда со научниот труд „Дизајн на керамичката микроструктура на нанодимензиониран алуминиомов оксид“ (Design of Ceramic Microstructure of Nanoscaled Transitional Alumina). Во 2010 година Ранко Аџиски, докторанд (асистент на ТМФ), е добитник на првата награда со научниот труд „Порозни мулитни керамики наменети за напредни сензори“ (Porous mullite ceramics for advanced sensors). Во 2014 Александар Петровски, докторанд (асистент на ТМФ), е добитник на третата награда со научниот труд „Карактеризација на графен добиен по пат на електролиза во водени електролити“ (Characterization of graphene produced by electrolysis in aqueous electrolytes). Во 2017 година Горазд Чепишевски магистранд, ја освојува втората награда со научниот труд „Нанокомпозитни скрин принтани електроди базирани на јаглеродни наноцевки и полианилин, наменети за гасни сензори“ (MWCNT/PANI screen printed electrodes for gas sensors).

Горазд Чепичевски, добитник на втора награда во 2017 год.

На пошироката македонска јавност, Горазд Чепишевски е попознат како репрезентативец на Македонија во пливање и актуелен сопственик на пет државни рекорди и учесник на две светски ФИНА-првенства, три летни универзитетски игри како претставник на УКИМ и едни Медитерански игри. Во 2019 година, Александар Петровски, докторанд (асистент на ТМФ), повторно е добитник на трета награда, со научниот труд „Тестирање на наносензори за следење на pH-вредноста на морињата, базирани на полианилин и јаглеродни наноструктури со скрин принтани електроди“ (Testing of pH nanosensors based on polyaniline/carbon nanostructures (PANI/CNSs) coated screen printed electrode (SPE)).



Научните достигнувања презентирани на НАТО-школите преку предавањата на професорите научните трудови на младите научници – учесници се сублимираат во книга – монографија, во издаваштво на една од најеминентните научни издавачки куќи во светот – „Спрингер“ (Springer). Придонесот на научниот кадар од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје е 14 поглавја во петте досега издадени монографии. Во монографијата издадена во 2011 година, проф. Пауновиќ покрај како автор, се појавува и во улога на едитор на монографијата.

Во табелата е сублимиран придонесот на научниот кадар на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св Кирил и Методиј” во Скопје на НАТО-школите во изминатите 13 години.



Организацијата на НАТО-школите го одржува континуитетот и веќе е во тек апликацијата за следната школа, која би можела да се одржи во 2021 година. Истовремено, на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје се одвиваат научноистражувачки активности во рамките на неколку проекти, во кои се вклучени и студентите од сите три циклуси на студии, изработувајќи ги своите дипломски работи, магистерски тези и докторски дисертации. До следната година би биле подготвени повторно да се претставиме на НАТО-школата, на која и предавачите и учесниците - студенти би ги презентирале своите најнови истражувања и достигнувања од областа на добивање, карактеризација и примена на наноматеријалите во различни области.