Кога посебноста носи многу таленти - Вероника Кочов две години по ред освојува златни медали во карате, црта, танцува и учи глума

Кога посебноста носи многу таленти - Вероника Кочов две години по ред освојува златни медали во карате, црта, танцува и учи глума

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Носи име од латинско потекло што значи победа, онаа што носи победа, а тоа одговара на успесите што ова 13-годишно девојче ги постигнува во животот со својот талент.

Дека сите деца се еднакви и дека и покрај нивните посебни потреби имаат таленти кои можат да ги вивнат до успехот, доказ е 13-годишната Вероника Кочов од Битола. Две години со ред освојува златни медали во карате, има дипломи од областа на цртањето, ужива во ликовната уметност, учи танц и глума. Секој ден ѝ е исполнет со активности кои ѝ помагаат да стекне поголема самодоверба наместо да се повлекува, што е случај со дел од тинејџерите со посебни потреби.

Тренира карате речиси 10 години и освојува златни медали

Тренира карате од четири години, најпрво по идеја на нејзината мајка Ивона Кочов, познат фотограф, која вели дека се одлучила Вероника да ја тренира оваа борачка вештина поради придобивките од неа, меѓу кои и стекнување сигурност и доверба во себе.



- Во суштина желбата беше моја, одамна неостварена, од мала премногу го сакав каратето и поради ситуацијата на Вероника, а знаејќи ги придобивките од тренирањето, како физички така и психички, решив да ја носам на класично карате. Таа тренира во клубот „Заншин до“ каде што има прилично многу девојчиња, тоа ѝ овозможува дружба, а воедно вежбањето карате вклучува целосен тренинг и за телото и за умот. Покрај тоа што се станува посилен, каратето помага да се подобрат концентрацијата, дисциплината, флексибилноста - вели мајката на Вероника.

Каратето ѝ тргна од рака, па ова е втора година како освојува златен медал демонстрирајќи мајсторска ката на Меѓународниот балкански турнир, кој и лани и годинава се одржа во Скопје. Клубот во кој тренира во 2023 година се закити со 4 пехари, 6 златни, 3 сребрени и 11 бронзени медали, а беше и третопласиран во кати. Од таму за успехот на Вероника велат дека докажа оти сите деца се еднакви, без оглед дали се со типичен или нетипичен развој.

Цртањето ѝ е втора љубов

На 6 мај годинава успешно положи за зелен појас, а во иднина планира да се закити и со преостанатите појаси. Покрај каратето, втора љубов ѝ е цртањето и редовно учествува на детски конкурси за ликовни творби. Цртежите со кои учествуваше на државната изложба на детски ликовни творби „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, во рамките на Фестивалот „Илинденски денови“, ѝ донесоа диплома. Нејзините цртежи се спој на воодушевеноста од ликовите од цртаните филмови и на модните креации, што е својствено за девојче од седмо одделение.

- Љубовта кон цртањето претпоставувам дека ѝ е наследена од татко ѝ, кој е многу талентиран во таа област. Најмногу црта девојки, порано се трудеше да ги црта самостојно, а сега научи техника на „позајмување“ контури од готови цртежи кои ги наоѓа на интернет, па сама ги дообликува и ги бои. Од неодамна почна да посетува настава во школа за цртање - додава мајката.



Спортот, уметноста и танцот се важни во развојот на децата со посебни потреби

Ивона вели дека општеството прави многу малку за овие деца, за разлика од тоа како се поддржани лицата со посебни потреби во развиените земји, па цел товар паѓа врз грбот на родителите. Но, тоа не го спречи нејзиното семејство да изнаоѓа начини и активности кои животот на Вероника ќе го направат посреќен, поисполнет и ќе придонесат што повеќе за нејзиниот развој. Семејството изразува благодарност до сите нејзини тренери и учители кои имаа разбирање и од првиот момент ја прифатија Вероника, безрезервно се вложија во нејзиниот напредок, а овозможија и таа бесплатно да ги посетува сите овие активности.

- Спортот, уметноста, танцот и која било друга дисциплина им помагаат многу на децата со посебни потреби, пред сѐ, за социјализација, концентрација, трошење на енергијата која се акумулира бидејќи сѐ почесто децата се дома со телефон в раце или на компјутер, или гледаат телевизија. Најчесто лицата со посебни потреби имаат ниска самодоверба и се склони кон повлекување во својот свет, па различните активности им помагаат да почувствуваат дека сепак се ценети. Кај Вероника има големо подобрување, што ми го потврдуваат и менторите кои работат со неа. Освен карате и школата за цртање, таа посетува и часови по танц, а во викенд оди и во театарска школа - додава Ивона Кочов.



Организатор на родендени или ликовен уметник?

Последните години од основното образование најчесто младите почнуваат да ги коваат своите планови за иднина. Прашавме што сака да биде ова активно девојче кога ќе порасне. Желбите се движат од организатор на родендени до ликовен уметник.

- Нешто што најмногу ја радува се родендените. Таа речиси цела година однапред ја знае темата за следниот роденден. Си организира каде ќе биди роденденот, како ќе изгледа тортата и сите други детали. Мислам дека во иднина ќе биде најдобриот организатор на родендени! Ги знае сите торти што досега ги имала и често ги брои по години. Во септември ќе полни 14 години и темата за следниот роденден е Пинокио, од кој моментално е воодушевена - раскажува мајката.

 


Ивона е добар фотограф и ја има овековечено Битола, а нејзините фотографии добиле многу награди. Фотографирањето засега не ја влечи нејзината талентирана ќерка, но сепак ги сака старите историски фотографии.

- Мислам дека повеќе ѝ лежи ликовната уметност и се надевам дека во иднина ќе биде сѐ подобра на тоа поле, па не е исклучена можноста да ѝ стане професија од која ќе заработува - додава Ивона.



Фото: приватна архива