Нема веќе влечкање куфери низ Дубровник

Нема веќе влечкање куфери низ Дубровник

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Откако ја укина бучавата од кафе-баровите и започна војна со угостителите, градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, продолжува со воведувањето ред во старото градско јадро. Според нова одлука, туристите што ќе престојуваат во апартманите и собите во стариот град ќе мораат да го носат куферот в раце.

Бучавата што ја создаваат тркалцата на куферите и кафе-баровите станала прегласна за жителите на најпознатите хрватски ѕидини, па одлуките ги радуваат, но туристите не се баш среќни.

- Мислам дека тоа е претерување! Можеби можат да смислат нешто, не би ми пречело некој да ми го остави багажот директно во хотелот, но многу е тежок за носење - вели Пако од Мексико.

Сепак, градоначалникот на Дубровник објасни дека нема да има казни, туку целта е едукација. Тој истакна дека се планира и логистички центар каде што би се оставал багажот, кој потоа би ги дочекал во апартманот. Се очекува тоа да се реализира за една и пол година.

Извор: danas.hr