По скалилата на успехот со режисерката Ана Јакимска: „Кога почнувам да работам нешто, се прашувам дали вреди за времето што луѓето ќе го потрошат за да го гледаат?“

По скалилата на успехот со режисерката Ана Јакимска: „Кога почнувам да работам нешто, се прашувам дали вреди за времето што луѓето ќе го потрошат за да го гледаат?“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Ако зборуваме за први позначајни успеси во филмот, би го споменала учеството на филмскиот фестивал во Шангај, кој се случи на почетокот од мојата кариера како режисерка и ми отвори многу врати. Но, краткиот филм ретко стигнува до поширока публика дома, колку и да е популарен на филмски фестивали низ светот, вели Ана Јакимска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите.



Ана Јакимска е режисерка на „Ќе дојдат децата“, „Синиот час“, „Неонски срца“, „Полноќен воз“, „Нема духови во туѓина“, кои се дел од нејзините наградувани филмови. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а потоа дипломирала и филмска режија на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон.
Во рубриката „По скалилата на успехот“ разговараме со Јакимска за нејзините почетоци, успеси, предизвици...



Почетоци како новинарка

- Отсекогаш сакав да читам. Мајка ми и татко ми беа дипломци на Филолошкиот факултет во Скопје и сите домови што ги имавме низ годините додека растев беа полни со книги, весници и списанија. Поради честите преселби, немав долги другарства и често деновите ги поминував дома, читајќи или гледајќи ТВ со саати. Кога дојде времето за факултет, не се двоумев да се запишам на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Таму ги поминав најубавите четири години, студирајќи ја светската книжевност во општествен контекст и развивајќи посебно разбирање за врската меѓу фикцијата и реалноста околу нас. По разговор со една од професорките, решив да продолжам да ја изучувам фикцијата во друга уметничка форма – филмот. Така се запишав на Катедрата за филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Години подоцна магистрирав на насоката режирање фикција на „Голдсмитс“, Универзитетот на Лондон во Велика Британија - вака Јакимска ја почна својата приказна.



На наше изненадување, ни сподели дека првпат професионално почнала да пишува како новинарка во дневниот весник „Шпиц“.

- Имав биро во мала канцеларија во трговскиот центар „Мавровка“ и колеги околу мене што изгледаа како да ја имаат најзабавната работа на светот – да покриваат дневни настани на терен. Јас работев во редакцијата за вести од светот, така што мојата работа во голема мера беше селекција на вести од големите светски агенции и нивен превод и адаптација на македонски јазик. Но, за кратко време сфатив дека новинарската работа исполнува само дел од тоа што сакам да го правам во животот - пишувањето, но не на начинот на кој сакав. Новинарството се занимава со реалноста каква што ја гледаме на површината - со последиците, со фактите, со веќе завршениот чин. Тоа што сакав да го пишувам беше фикцијата. Во првата деценија од 21 век пишував кратки раскази и ги објавував на блог. Го сакав и сѐ уште го сакам пишувањето проза, но создавањето фикција на овој начин е осамен процес. Ми недостигаа итноста и возбудата на новинарската редакција, чекањето „на прсти“ на фоторепортерите што влетуваа во канцеларија со картички полни материјал, нестрпливоста на уредниците да прегледаат сѐ пред другите весници да го направат истото, брзото размислување и трката со времето. Откако почнав да студирам режија на ФДУ, го напишав првото сценарио за краток филм и кога првпат влегов во продукција со филмска екипа, најдов дом во оваа форма - раскажува Јакимска.



Прв филм во 2016 година


На прашањето кое е нејзиното прво работно искуство на филм, вели дека тоа е работата на
нејзиниот прв професионален краток филм „Ќе дојдат децата“, кој го снимила во 2016 година како дипломски филм на Катедрата за филмска и ТВ-режија.

- И покрај тоа што беше студентски филм, имав поддршка од Агенцијата за филм како дебитант и можев да си дозволам да сонувам за локации, костими и техничка опрема какви што не би биле возможни со врвца-буџетите на студентските екипи. Имав среќа да работам со екипа што целосно се вложи во создавањето на овој филм. Многу научив од секој од нив и секогаш ќе им бидам благодарна - споделува Јакимска.

Ја прашавме што ја истакна како име и како почна нејзината кариера да се движи во нагорна линија, но ни посочи дека не може да избере почетна точка на нејзиниот успех.



- Мислам дека во раната младост толку често се селев, и локациски и професионално, што не можам да изберам една точка од која почнало сѐ – има многу почетоци и приказни кои се развивале на различен начин, повеќе или помалку успешно. Ако зборуваме за први позначајни успеси во филмот, би го споменала учеството на филмскиот фестивал во Шангај, што се случи на почетокот од мојата кариера како режисерка и ми отвори многу врати. Но, краткиот филм ретко стигнува до поширока публика дома, колку и да е популарен на филмски фестивали низ светот. За разлика од него, музичките спотови како форма патуваат многу полесно. Мислам дека видеото што го снимив за хитот „80-ти“ на ПМГ Колектив беше тоа што ме направи препознатлива во Скопје. Му се поклонувам на Мирко за сѐ што направи за културата во Скопје, неговиот дух засекогаш ќе биде нераскинлив дел од градењето на еден главен град со гордо исправена глава - вели Јакимска и додава дека нејзиниот досегашен успех се должи на оптимизмот и на радоста за новите предизвици.

Секое „не“ е нов почеток и, колку и да звучи чудно, слобода. Слободата е основа на сѐ, подвлекува таа.

Периодов работам на краток филм

Во 2018 година со својот најдобар другар Бранко ја основала продукцијата „Сутерен студио“. Решиле да изградат студио кое ќе го внесе филмот во комерцијалната продукција и чија работа ќе се води по принципите на филмската уметност. Во изминатите шест години продукцијата расте и нивното портфолио на сработени проекти се зголемува: ТВ-реклами, неконвенционални корпоративни видеа, интервјуа и кампањи.



- Откако ги завршив студиите во Лондон и се вратив во Скопје, почнавме со развивање нов дигитален производ кој ќе биде сосема нов начин на претставување на комерцијалната содржина - споделува Јакимска.

Она што силно ја мотивира произлегува од одговорноста кон луѓето околу неа, нејзиното семејство и пријателите, но и луѓето во градот во кој живее и пошироко.

- Кога почнувам да работам нешто, се прашувам дали вреди за времето што луѓето ќе го потрошат за да го гледаат? Дали ќе им каже нешто важно за нив и за нашето време? Не секогаш правам точна процена, но секогаш тргнувам од таа мисла. Им благодарам на сите мои блиски што се со мене низ сето ова, дури и кога процената била погрешна. Периодов работам на краток филм што ја истражува темата на одговорноста на уметникот кон неговиот субјект, наспроти амбицијата да се успее во поставените рамки на однесување во уметничката индустрија. Ова е тема што произлезе од мојот престој во Лондон, каде што почувствував дека како раскажувачка посегнувам по теми и тропи кои западниот поглед ги очекува од некој што доаѓа од егзотична земја како Македонија. Оваа идеја е во основата и на сценариото за мојот дебитантски долгометражен филм. Во исто време, работиме на новиот производ на „Сутерен студио“ и возбудени сме за промените што доаѓаат во комерцијалната продукција - ни навести Јакимска.

Фото: приватна архива