Се заљубиле во „Аушвиц“ и преживеале - повторно се сретнале по 71 година

Се заљубиле во „Аушвиц“ и преживеале - повторно се сретнале по 71 година

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Тоа било забранета романса како и многу други: значаен поглед, треперење на срцето, тајни состаноци и пораки.

Љубовната приказна на Бу Дејвид Виснија и Хелен Зипи Тихауер се одвивала во сенката на крематориумите, а нивните обиди за романса биле скривани од стражарите.

- Беше зима во Биркенау, најголемиот и најсмртоносен логор во „Аушвиц“ - напишала Керен Бланкфелд во „Љубовници во Аушвиц: Вистинска приказна“, една од двете нови, значајни книги за животот во концентрационите логори за време на Втората светска војна.

Зипи дошла во „Аушвиц“ во 1942 година, депортирана од нејзиниот роден град Братислава, Словачка. 23-годишнната девојка бил испратена во воз, без храна и вода, опколена со кофи кои се користеле како тоалет. На крајот била фрлена во дворот на полската железница, а ја пресретнале нацистичките чувари.

Портата од ковано железо украсена со сега озлогласената фраза „Arbeit macht frei“ („Работата ќе ве ослободи“) јасно покажала едно нешто – тоа место било „Аушвиц“.

Личните карти, чантите, накитот и парите на жените им биле извадени од рацете, нивниот багаж бил земен и никогаш не им бил вратен. Новопристигнатите лица биле соблечени голи пред да се дезинфицираат со црево, а косата и ноктите им биле исечени со тапи ножички. Тоа биле само првите од многуте ужаси што Зипи ги доживеала во „Аушвиц“. Касарната мирисала на урина и фекалии, насекаде имало вошки, а демнел и тифусот. Во тоа место секогаш се наѕирала заканата од гасната комора.

Дејвид Виснија бил 15-годишен еврејски сирак од Полска, кој пристигнал во „Аушвиц“ откако неговите родители, дедото и помладиот брат биле застрелани од нацистичките окупатори на Варшава. Неговата прва задача во „Аушвиц“ била да ги извлекува телата од рововите, во близина на портите на логорот, каде што очајните затвореници биле стрелани од нацистите или убиени од електричен удар на оградите.

Сепак, Дејвид и Зипи имале малку среќа во „Аушвиц“ бидејќи ја избегнале опасната физичка работа, оти имале посебни таленти. Зипи била обучена како графички дизајнер и затоа ѝ било доделено да слика црвени ленти на задната страна на униформите на затворениците. Дејвид, пак, бил успешен пејач и преживувал забавувајќи ги нацистичките офицери ноќе. Во знак на благодарност, му била доделена работа да пере алишта.

Нивната прва средба се случила во пералницата позната како „Сауна“.

- Кога таа се појавила, тој речиси заборавил каде е. Тоа што ја видел му дало нешто за кое ќе се надева и ќе радува - пишува Бланкфелд.

фотоизвор: NY post

Почнале да си разменуваат тајни пораки. Дејвид ѝ кажал на Зипи за неговите соништа да настапува во опера. Зипи ги споделила со него своите надежи за професионална дизајнерска кариера. Другите затвореници им чувале стража за тие да бидат заедно. Се среќавале тајно барем еднаш месечно, уживајќи во задоволството и интимноста од нивната заедничка врска.

Но, на почетокот на 1945 година, кога нацистите биле во бегство од Русите на исток и Американците на запад, затворениците од „Аушвиц“ биле растерани во секоја можна насока. Дејвид и Зипи се разделиле со ветување дека повторно ќе се сретнат во Центарот за еврејска заедница во Варшава. По завршувањето на војната, Зипи отишла во Варшава, но никогаш не го нашла центарот на заедницата. Дејвид, пак, никогаш не се вратил во Полска.

Него го пронашла американската 101. воздушна дивизија и со нив се возел до Париз. Никогаш повеќе не сакал да помисли на Полска, на неговото изгубено семејство или на тој ужасен камп - дури и ако тоа значело никогаш повеќе да не ја види Зипи. На крајот - и Дејвид и Зипи изградиле нови животи во Америка: Дејвид како продавач на енциклопедии во Левитаун, а Зипи како неофицијален историчар на „Аушвиц“ во Њујорк.

Во 1950 година Дејвид стапил во контакт со Зипи и побарал да се сретнат, но таа одбила. Но, Дејвид никогаш не престанал да се обидува. Во 1963 година Зипи се согласила на повторно обединување во хотел на Менхетен, но не можела да собере храброст и да се појави. Дури во 2016 година Зипи и Дејвид конечно се сретнале во нејзиниот дом на Менхетен.

-Те сакав - му шепнала таа.

-И јас - ѝ одговорил Дејвид.

Можеби не живееле среќно заедно, но Дејвид и Зипи успеале да го издржат теророт во „Аушвиц“.

- Заедно, тие преживеаја - заклучува Бланкфелд во својата книга.

Извор: nypost.com

Фото: Freepik