Нешто неверојатно се случува во зоната на исклучување во Фукушима: „суперсвињи“ ги менуваат правилата на играта
Во напуштените делови на Фукушима, домашни свињи што биле оставени по катастрофата на 11 март 2011 година денес претставуваат неочекувана приказна за адаптација и еволуција.
Научниците неодамна откриле дека овие животни развиле исклучителни репродуктивни способности, што овозможило нивната популација да расте побрзо отколку што е вообичаено кај дивите животни.
Според истражување на тим од Универзитетот „Хиросаки“, природното мешање на домашни и диви свињи создало „хибридна популација“ која се размножува речиси непрекинато во текот на целата година.
- Ова е пример како животните можат исклучително брзо да се приспособат на нови услови кога нема човечка активност - објаснува авторот на истражувањето, професор Шинго Канеко.
За потсетување, земјотресот во 2011 година, со јачина од 9 степени според Рихтеровата скала, предизвика цунами кое ги уништи домовите на 450.000 луѓе и ги доведе реакторите во електраната Фукушима Даичи до катастрофална состојба. Во тој хаос сточарите беа принудени да ги напуштат фармите, оставајќи зад себе илјадници домашни свињи. Вратите на шталите останаа отворени или со текот на времето беа оштетени, што им овозможи на животните да избегаат во околните шуми и напуштени полиња.
Ваквите „хибридни“ видови се познати по тоа што уништуваат земјоделски посеви, го нарушуваат екосистемот и ја загрозуваат автохтоната дива природа.
Слични проблеми се бележат низ целиот свет, од САД до Европа, каде што станале еден од најразорните инвазивни видови.
Истражувачите анализирале ДНК на речиси 200 животни во регионот во текот на последните години, користејќи специјални маркери за следење на движењето на гените низ популацијата. Заклучокот е дека „хибридите“, чии мајки биле домашни свињи, ги задржуваат репродуктивните предности на своите предци, додека нивната генетска структура постепено станува слична на дивите свињи.
- Единствената особина на домашните свињи, брз, целогодишен репродуктивен циклус, веројатно е клучна за разбирање зошто овие популации се шират толку брзо - вели коваторот на истражувањето, д-р Донован Андерсон.
Ова откритие е важно за службениците што се занимаваат со управување со инвазивни видови. Сфаќањето како се пренесуваат репродуктивните особини може да помогне во предвидувањето на идните експанзии на популациите и развој на поефикасни стратегии за контрола.
Професор Шинго Канеко додава дека Фукушима претставува ретка можност за проучување на оваа динамика.
- Кога луѓето исчезнуваат од екосистемот, животните наоѓаат начини да се приспособат и брзо да се шират - тоа е лекција за управување со диви животни и зачувување на природата - заклучува тој.
Додека властите и истражувачите се обидуваат да најдат ефикасни методи за контрола на „хибридните“ популации, истражувањето од Фукушима испраќа поширока порака - дека природата често наоѓа начин да се приспособи, а неочекувани околности можат да доведат до долгорочни промени во животинските популации, дури и децении по првичниот настан.
Извор:
Тelegraf.rs
Фото:
Wikipedia