Соодветни и стручни наставни кадри

Соодветни и стручни наставни кадри

Не кој ќе стигне да се вработува, ами соодветни и стручни работници им се потребни на воспитно-образовните институции, па и секаде во јавниот сектор. Уште полоша е комбинацијата: тој/таа бил на Трајко, на Петко, па треба и тие деца да работат. Да, ама со ред, па нека работат. Ги акцентирам воспитно-образовните институции затоа што работиме со емотивна материја. Ама тоа бесцелно се труби со години. Сведоци сме на дефицитарни наставни кадри затоа што младите не сакаат да завршуваат наставнички факултети, па оттука излезот го бараат или надвор од државата или, пак, во приватни фирми. Низ разговор со еден мој поранешен ученик, дали еден ден ќе ми биде колега, односно дали сака да работи со деца, тој ми вели: „Боже пази, само не во образование.“ Го разбирам, иако се потрудив да му објаснам дека најблагородна професија е наставничката, но недоволно ценета.

Значи, кога нема кој друг, најлесно е оној што работи со договор да прифати да предава кој било предмет. Не, така не оди работата. Тој наставник треба да помисли дали е правилно да прифати да предава што ќе стигне..., или можеби нема друг избор. Замислете да побара ученикот од таков несоодветен наставник да му објасни стручен термин... Мислам дека сум јасен. Да, исто така, во тој поглед ги разбирам младите зошто се одлучуваат да останат подалеку од образование. Кога квалитетот се турка настрана, а влегува на работа да работи кој ќе стигне, од неписмен до нестручен, што да очекуваме од напредокот, конкретно во образованието. При вработување не постојат апсолутно никакви строги критериуми, ниту селекција (некој со години се пријавува во АВРМ, а некој од на кафе, вчера завршен или со недозавршен факултет, ќе го станат и ќе го пратат на работа). Која грубост и неправда, за жал. Разочарување кое трае со години. Секогаш пишувам и кажувам, секоја чест за исклучоците (а тие се ретки) кои одговорно и квалитетно ги извршуваат работните обврски. Тие ќе си останат пример и принцип не само за себе, туку воопшто за секое опкружување каде што ќе се најдат. И така треба. Ако се занемари квалитетната работна сила и на нејзино место дојде незнаење, нестручност, неразбирање, тогаш меѓународните ПИСА-тестирања ќе продолжат да бидат на најдолното место во листата. Уште една таква ситуација за која слушнавме - случајно го земам и последниот пример со гимназијата „Георги Димитров“, каде што пред неколку дена од 75 одлични ученици кои полагаа за приемен испит за да се запишат во гимназијата, половина од нив не го положија испитот, што е уште еден доказ за пишување оценки кои не се соодветни со знаењата на ученикот. 75 одлични ученици? Блазе нас! И каде води сето ова? Води до институции каде што нестручен и недоволно обучен кадар треба да даде услуги... Резултатот е поразителен. Токму затоа, во образованието мора да се води сметка кои кадри и како се вработуваат. Доколку не се соодветно методички подготвени нововработените кадри, најдобро е да се доквалификуваат, ако веќе имаат мерак и желба да работат со ученици. Толку едноставно ги имаме сфатено работите, што просто не нè засегнува дали е квалитетен работникот или оди на работа колку само да го исполни работното време и да земе плата. Тоа е видливо и навистина не го личи. Точна е една изрека која вели: „И кадро и некадро, и искусно и неискусно, не се става во ист кош.“ Сакам да потенцирам дека и понатаму ќе се случува недостиг на соодветен кадар не само во образование, претпоставувам секаде. Но, она што мора да се поправи е: соодветен наставен кадар, во образование, затоа што децата го заслужуваат најдоброто. Тие мора да стекнат јасни и корисни знаења кои во иднина ќе им помогнат во оформувањето на работната кариера. Напредокот на образованието е во квалитетот, а не во квантитетот. 

Апелирам до МОН и до почитуваната министерка за образование Весна Јаневска да се преземат најстроги критериуми при идни вработувања во образование, а секако да се преиспитаат и тие што работат со договори, пред да земат решенија за работа, за да не биде доцна. Ако има ред, ќе има и правила и казни, затоа што само на тој начин ќе почнеме да функционираме како што треба. Или човек ќе го личи во професијата што ја работи или најпаметно е да се бара на друго место каде што соодветно ќе припаѓа. Сум го чул многупати и изразот: „Абе шо ти е гајле, шо се замараш, уживај таму работи, земај плата“ – да, ама за кого важи тоа? За сите ли еднакво треба да важи? Не, не поддржувам такви ставови и секогаш ќе стојам на праведната страна, колку и да е трнлив патот до неа. Соодветен кадар во секоја институција треба да има, а тој е резултат на успех и напредок во организацијата, меѓутоа, за жал, таков во последно време на прсти се брои. За да не ни се случи распад на системот, мораме да се поправаме и да продолжиме со функционирање како што треба, а не како што секој си сака. Едноставно е, кодекс еднаш се носи и треба да се почитува, се разбира, најмногу за доброто на учениците, а потоа за сите засегнати во сферата во која работат.

Пишува: професор Александар Адамовски