Државата со најскапи недвижности во светот беше на чекор до банкрот: Како ја спаси едно казино?

Државата со најскапи недвижности во светот беше на чекор до банкрот: Како ја спаси едно казино?

Монако - местото каде што сè веќе се случило и каде што сè едноставно се повторува за да се одржи митот. Во неговите пристаништа се закотвени најскапите јахти на светот, улиците се преплавени со брендови, како што се „ферари“, „ролс-ројс“ и „бентли“, додека пазарот на недвижности важи за најскап на планетата. Овде квадрат од стан може да чини и над 50.000 евра. Секој мај Формула 1 ги претвора тесните улици на кнежеството во светска телевизиска сцена. Монако е можеби најуспешниот пример за држава која самата се трансформирала во бренд.

Лекции од историјата - од банкрот до луксуз


Денес, Монте Карло, казиното, луксузното пристаниште Херкулес и Хотел де Пари се синоними за престиж. Меѓутоа, во средината на 19 век оваа државичка на Азурниот Брег беше далеку од засолниште за милијардери. Тоа беше речиси банкротиран ентитет, без природни ресурси и индустрија, со мрачна иднина. Пресвртот се случи во 50-тите години, кога Ментон и Рокбрун, двата најважни града кои тогаш му припаѓаа на кнежеството, покренаа востание против монархијата на Грималдиеви. Овие градови беа извор на приходи од продажба на цитруси и маслинки, а со нивната сецесија Монако ја изгуби економската база. Кнежеството мораше повторно да се измисли себеси.

Идејата за казино се роди од принцот Карло Трети, но и благодарение на деловниот инстинкт на неговата мајка, принцезата Каролина. Таа сфати дека Монако не може да преживее играјќи по правилата на големите држави. Немаа војска, ниту рудни богатства, но имаа клима, медитерански поглед и нешто што Европа во 19 век го обожаваше – коцкањето.

Монте Карло - мајсторски чин на брендирање

Првите обиди со казиното беа разочарувачки сè додека не се појави Франсоа Блан, човек кој веќе водеше успешни коцкарници во Германија. Тој знаеше дека казиното не е само простор за игра, туку сцена и ветување. Во 1863 година околу казиното е создаден нов кварт, наречен по принцот Карло – Монте Карло. Казиното стана срце на новиот свет, а покрај него во 1864 година беше отворен Хотел де Пари, кој брзо стана салон на европската аристократија. Монако тогаш го научи она што и денес е основа на економијата на луксузот: не продавате услуга, туку целокупно искуство. Казиното не привлече само коцкари, туку и кралеви, банкари, индустријалци и авантуристи. Успехот беше толку голем што во 1869 година Монако го укина данокот на доход за своите граѓани, со што е родено модерното Монако - даночен и општествен рај. 



Ако казиното донесе економски спас, кралското семејство го донесе глобалниот гламур. Свадбата на принцот Рение Трети и холивудската дива Грејс Кели во 1956 година го претвори Монако во модерна бајка. Преносот го следеа 30 милиони луѓе, што беше непроценлива реклама. Грејс Кели ја трансформира сликата на кнежеството во симбол на елеганција кој го „продава“ Монако и со децении по нејзината смрт. Во историјата на Монако е вткаено и влијанието на грчкиот бродосопственик Аристотел Оназис. Тој во 1953 година купи значителен пакет акции во компанијата СБМ, која ги контролираше казиното и хотелите. Оназис сакаше Монако да остане исклучиво за најбогатите, додека принцот Рение сонуваше за помасовен туризам. Принцот на крајот успеа да го ограничи влијанието на Оназис, но грчкиот магнат остана клучна фигура во митологијата на Монте Карло.

Денешната економија: Формула 1 и јахти

Денес казината веќе не се единствените „бели дробови“ на државата. Економијата се разграни на недвижности, угостителство и забава. Приходите на групацијата СБМ во 2024 година достигнаа 768 милиони евра, при што хотелите сега носат повеќе пари отколку самите игри на среќа. Ноќевање во апартманот „Принц Рение Трети“ чини неверојатни 40.000 евра.



Формула 1 го додаде последното ниво на митот. За време на тркачката недела, пристаништето Херкулес станува центар на моќта. Врзувањето јахта за време на Гранд при чини од 20.000 до над 500.000 евра за суперјахти. Монако е доказ дека недостигот на територија може да стане предност. Колку е помал, толку е поредок, а колку е поредок - толку поскапо може да го продаде својот мит. Казиното не само што ја спаси државата, туку и своето место во легендата.

Извор: euronews
Фото: magnific