Како влијае пишувањето со рака врз мозокот, а како пишувањето на тастатура?

Како влијае пишувањето со рака врз мозокот, а како пишувањето на тастатура?

Научниците предупредуваат дека пишувањето со рака можеби не е само навика, туку важен процес што влијае врз тоа како мозокот учи, памети и поврзува информации, иако сè поголем број деца речиси не знаат да држат молив.

Невропсихологот Одри ван дер Мер, професорка на Норвешкиот универзитет за наука и технологија, открила дека пишувањето со рака активира многу повеќе мозочни региони отколку пишувањето на тастатура.

Во нејзиното истражување се покажува дека користењето на раката за пишување е многу стимулативно за мозокот, особено во раниот развој. Професорката вели дека речиси сите делови од мозокот се активни кога се пишува со рака.

- Спротивно на тоа, кога пишувате на тастатура, мозокот не е ни приближно толку активен и нема потреба од таков вид комуникација. Кога пишувате со рака, користите фина моторика за да ги обликувате буквите на хартија, што вклучува сложени движења на прстите - објаснува таа.

Таа додава дека при пишување на тастатура се користат многу поедноставни движења на прстите, кои се исти за секоја буква.

Некои деца дури имаат проблем да ги разликуваат буквите што изгледаат како огледало, затоа што нивното тело не ја „искусило“ разликата преку движење при пишување.

Кога децата и тинејџерите поголем дел од времето го поминуваат со телефони, таблети и тастатури, постои ризик когнитивните и развојните способности што традиционално ги поттикнува ракописот да ослабнат или да исчезнат. Бидејќи, според истражувањата, пишувањето и цртањето се многу добра стимулација за мозокот.

- Ако повеќе не ги извршувате тие активности, почнуваат да исчезнуваат невронските мрежи во мозокот кои ги поддржуваат. Мозокот функционира по принципот „користи или изгуби“ - предупредува професорката Мер.

Таа смета дека тастатурата не е проблем сама по себе, ако постои здрав баланс со користење молив и хартија.

- Ако пишувате долг текст, како книга или есеј, тастатурата е попрактична. Но знаеме дека за правење белешки на часови или предавања е многу подобро да се пишува со рака затоа што така подобро се учи од новите информации - вели таа.

Со оглед на светот во кој живееме, постои страв дека еден ден може да сфатиме дека премногу брзо сме се оддалечиле од моливот и хартијата, без целосно да разбереме какви се последиците.

Извор: 021.rs
Фото: Magnific