Местото од кое луѓето се враќаат до шест сантиметри повисоки, но потоа следува потешкиот дел

Местото од кое луѓето се враќаат до шест сантиметри повисоки, но потоа следува потешкиот дел

Секој астронаут што се враќа на Земјата по подолг престој на Меѓународната вселенска станица е забележливо повисок отколку во моментот на лансирањето. Лице високо 183 сантиметри може да порасне и до шест сантиметри. Таа дополнителна висина исчезнува во рок од неколку недели, а понекогаш и за само неколку дена. Астронаутот Скот Кели ja изгубил речиси сета таа „добивка“ во висината во рок од 48 часа по слетувањето.

Сепак, додека трае, оваа промена е реална, мерлива и директна последица од влијанието на гравитацијата врз човечкиот ’рбет во текот на целиот живот.

На Земјата, телесната тежина постојано врши притисок врз ’рбетниот столб. Пршлените и меките дискови меѓу нив се под оптоварување. Тоа е една од причините зошто човек навечер е малку понизок отколку наутро - целодневното стоење и седење благо го компресираат ’рбетот. Во орбитата такво оптоварување нема. Астронаутите на Меѓународната вселенска станица се наоѓаат во состојба на постојан слободен пад, па ’рбетот повеќе не е притиснат од тежината на телото. Ослободено од притисок, тоa се издолжува.

Што се проширува?

Најчестото објаснување се однесува на меѓупршленските дискови, перничиња богати со течност што се наоѓаат меѓу пршлените. Кога ќе исчезне притисокот, тие впиваат повеќе течност и го зголемуваат растојанието меѓу пршлените. Иако ова е точно, објаснувањето не е целосно.

Истражувањата спроведени со помош на ултразвук на ИСС покажале дека се менуваат и параспиналните мускули кои се протегаат по ’рбетот, а на Земјата тие постојано работат за да ѝ се спротивстават на гравитацијата. Во услови на микрогравитација тие се опуштаат на начин што не е можен на Земјата, што дополнително придонесува за издолжување на ’рбетот.

Резултатот е ист, астронаутот станува повисок. Но зад тоа стои многу посложен процес.



Зголемувањето на висината лесно се забележува, но само по себе не е најважната промена. Тоа укажува на фактот дека ’рбетот со месеци функционира во услови за кои не еволуирал, а последиците не се толку минливи како самата промена на висината.

Астронаутите во вселената губат меѓу 1 и 1,5 отсто од густината на коските во деловите од телото што на Земјата носат најголемо оптоварување, како што се колковите и нозете. НАСА забележала дека дел од оваа загуба не се надоместува целосно ниту една година по враќањето на Земјата. Кај параспиналните мускули, по долгите мисии, доаѓа до наталожување на масно ткиво, а овие промени можат да траат и по враќањето во нормални гравитациски услови.

Поранешниот астронаут Френк Рубио, кој поминал 371 ден на Меѓународната вселенска станица, пријавил значителни болки во долниот дел од грбот по слетувањето. Како што објаснил, неговиот ’рбет повеќе не бил навикнат цел ден да одржува исправена положба по повеќемесечен престој во бестежинска состојба.

Зошто е важно тоа?


Значењето на овие промени расте со должината на вселенските мисии. Патувањето до Марс би траело многу подолго од која било досегашна смена на ИСС, што значи дека промените на ’рбетот би биле поизразени, а закрепнувањето побавно, под услов целосно закрепнување воопшто да биде возможно.

Постојат и практични последици. Ако членовите на екипажот за време на летот станат забележливо повисоки и физички поинакви отколку пред полетувањето, тоа влијае врз дизајнот на вселенските костими, седиштата и тесните простори во леталото. Вселенските капсули проектирани според телесните димензии пред лансирањето мора да ја предвидат можноста астронаутот неколку месеци подоцна да биде и до шест сантиметри повисок.

Затоа, привременото зголемување на висината претставува корисен показател. Тоа открива дека човечкото тело во вселената постојано се обидува да се приспособи на средина за која никогаш не било создадено. Враќањето на Земјата не е едноставно враќање во претходната состојба, туку почеток на нов процес на приспособување што може долго да трае.

Извор: Nova.rs 
Фото: ESA