Во филмовите има повеќе глумци по име Крис и животни што зборуваат отколку жени над 60 години
Во најгледаните филмови прикажани во Велика Британија во текот на последните три години поголема е веројатноста да се појави животно што зборува отколку жена постара од 60 години во главна улога. До овој заклучок дошла кампањата „Без возрасни ограничувања“, чие истражување открило изненадувачки податоци за застапеноста на постарите жени на филмското платно.
Анализата опфатила 100 од најуспешните филмови прикажани во Велика Британија во текот на 2023, 2024 и 2025 година. Резултатите покажуваат дека само пет филма имале главна хероина постара од 60 години, додека во околу 20 филма се појавуваат животни што зборуваат.
Во шест филма главниот лик се вика Крис
Уште поинтересно е што дури шест филма биле предводени од глумци по име Крис. Половина од тие улоги ги остварил Крис Прат, додека меѓу другите биле Крис Пајн и Крис Хемсворт.
Меѓу ретките остварувања што ги ставиле постарите жени во центарот на приказната се нашле „Алeлуја“, „Мојата голема дебела грчка свадба 3“, „Клуб на читатели: Следното поглавје“, „Супстанцијата“ и „Пооткачен петок“.
Сепак, помалку комерцијално успешните филмови покажуваат дека остварувањата со постари глумици можат да постигнат значителен успех. Меѓу нив се „Тешки вистини“, „Сè уште сум тука“ и „Телма“.
Глумицата Ема Томпсон, која ја поддржува кампањата, смета дека е време филмската индустрија да се промени.
- Жените сочинуваат половина од светската популација и стареат како и сите други. Каде се приказните за нас? Колку сме постари, толку сме поинтересни. Сакам да гледам повеќе филмови во чиј центар се жени што стареат. Тие се впечатливи, блиски до публиката и одамна заслужуваат да бидат во центарот на вниманието - вели глумицата.
Организацијата „Центар за подобро стареење“, која ја води кампањата „Без возрасни ограничувања“, анкетирала и 4.000 луѓе за да провери колкав е интересот на публиката за вакви приказни. Секој шести испитаник изјавил дека попрво би гледал филм доколку главната улога ја има постара жена, додека една третина смета дека вакви филмови се снимаат премалку. Само три проценти веруваат дека ги има премногу.
Секој трет лик бил постар од 50 години
Претходни истражувања покажале дека од над 1.200 ликови со улоги во популарни филмови снимени помеѓу 2010 и 2022 година секој трет бил постар од 50 години. Женските ликови постари од 65 години се појавувале повеќе од трипати поретко од машките ликови на иста возраст.
Исто така, истражувачите заклучиле дека жените постари од 60 години во филмовите често се прикажуваат како пасивни, сожалувани или неважни за главниот тек на приказната, наместо како активни и силни протагонистки.
Сепак, постојат знаци дека работите се менуваат. Историската победа на Мишел Јео на „Оскарите“ во 2023 година, кога на 60-годишна возраст ја освои наградата за најдобра актерка, многумина ја сметаат за важен чекор кон поголема видливост на постарите жени во филмската индустрија.
Додека публиката сè погласно бара поразновидни приказни, останува прашањето кога филмските студија ќе престанат да веруваат дека животните што зборуваат се поинтересни од жените со децении животно искуство.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Unsplash