„Кога погледнав назад, во далечината ја видов Британија и тоа беше една од најубавите глетки“, вели Евгениј Поп Ацев, кој го преплива Ла Манш

„Кога погледнав назад, во далечината ја видов Британија и тоа беше една од најубавите глетки“, вели Евгениј Поп Ацев, кој го преплива Ла Манш

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Капетанот на мојот брод многу вешто го навигираше моето пливање меѓу толку бродови - зашто бев како полжав на автопат во споредба со целиот морски сообраќај, раскажува Евгениј Поп Ацев

Некои соништa се тешки за остварување, но не и невозможни. За оние што се подготвени да се борат, да истраат и да се издигнат над границите – и на телото и на умот – дури и студените и непредвидливи води на каналот Ла Манш не им можат ништо.
Евгениј Поп Ацев, троен светски шампион и маратонски пливач со исклучителна кариера, го претвори својот долгогодишен сон во триумф станувајќи петтиот Македонец што ја преплива оваа легендарна делница.



Поп Ацев успеа да го оствари подвигот за 9 часа и 43 минути.

- Препливувањето на Ла Манш ми беше долгогодишна желба, уште од почетоците на маратонското пливање, но додека се натпреварував, немав можност и време да пробам поради натпреварите, така што го чував овој предизвик за крајот на кариерата. Тоа што успеав да го реализирам предизвикот сега всушност е остварена цел и сон, и многу сум среќен особено поради тоа што една година не успеав, другата времето беше неповолно, па ми го откажаа... Ла Манш значи големо достигнување за секој маратонец и е најпопуларно препливување, а секако и најтешко - ни сподели Евгениј.



Се подготвував речиси две години

Другите четири Македонци што успешно го совладаа предизвикот, односно го препливаа каналот меѓу Франција и Велика Британија, се Нико Нестор во 1959 година (кој делницата долга 33 км ја преплива за 12 часа и 6 минути), Атина Бојаџи во 1969, Томи Стефановски во 2009 и Игор Димовски во 2010 година.

Пливачкиот маратонец Евгениј Поп Ацев (37) има многу успеси, подиуми, трофеи, испливани километри во мирни и во разбранувани води. Неговата активна маратонска кариера траеше од 2007 до 2021 година, притоа во 2015 и во 2017 година триумфира на Светската гран при серија во маратонско пливање, а во 2019 година беше најуспешен и на ултрамаратонската серија на Светската пливачка федерација (ФИНА). Тој настапил на 106 трки од светска класа во 21 држава, а девет години се качувал на подиумот во генералниот пласман.



- Долго време тренирав пливање, но најмногу бев фокусиран на маратонското пливање, можеби повеќе од 15 години, така што имав доволно тренинзи, но посебен предизвик ми беше студената вода во Ла Манш, за што се подготвував речиси две години. Во текот на годината пливав во езера или во море со студена вода, ја сменив и исхраната за да можам да издржам околу 10 часа во студена вода. Неколку дена пред да го почнам предизвикот пливав помалку од обично за да бидам поодморен и тренирав во море, да можам да се навикнам на условите. Најголем дел од времето тренирав сам или со мојот клуб Вардар 2018, понекогаш со една група пливачи во Англија што пливаат на отворени студени води - ни изјави Евгениј.

Пливањето помина добро, секако, со неколку кризи и потешки делови

Поп Ацев ни сподели дека условите за пливање на почетокот биле неповолни, односно имало големи бранови и првите 4-5 часа пливал ноќе.

- Исто така, поради тоа што се одложи стартот една недела, навлегов во прозорецот кога приливот е повисок, така што имаше многу силни струи. Но тоа е Ла Манш, тоа го очекував. Пливањето помина добро, секако, со неколку кризи и потешки делови: некаде пред половина од пливањето кога сѐ уште беше ноќ и имаше силен челен ветар, и пред крај кога се приближив до целта, но струјата ме однесе под целта, па морав да се враќам. Имав голема желба и мотивација да завршам и силно бев решен. Освен ако не е нешто што не се издржува физички, откажување не ми беше во опција, дури и да морав да пливам уште неколку часа плус. Има пливачи што пливале и над 20 часа за да стигнат до Франција, така што знаев дека колку и да е тешко, сепак е изводливо да се стигне - подвлекува Евгениј Поп Ацев.



Кога се раздени, почнаа да се гледаат риби, но повеќе имаше медузи


Бил информиран за прогнозата и вели дека ги очекувал условите со кои се соочил во текот на пливањето.

- Можеби струјата беше малку посилна отколку што очекував во втората половина од пливањето. Кога се раздени, почнаа да се гледаат риби, но повеќе имаше медузи. Имаше и многу морски сообраќај, интересно беше да се гледаат големи бродови како поминуваат околу мене. Капетанот на мојот брод многу вешто го навигираше моето пливање меѓу толку бродови - зашто бев како полжав на автопат во споредба со целиот морски сообраќај. И, секако, морам да споменам дека голема улога имаше тимот, не само во помошта при хранењето и навигација, туку добив и безрезервна поддршка и мотивација. Буквално цело време беа на работ од бродот и постојано беа во комуникација со мене, навиваа и ми помагаа - раскажува Евгениј.



Кога стигнал на целта, вели дека чувството било прекрасно, неописливо...

- По толку години исчекување и 9 часа пливање конечно да се стигне до плажата во Франција, тоа чувство е бесценето, и кога погледнав назад, ги видов мојот брод и во далечината Британија - тоа беше една од најубавите глетки. Од целата еуфорија и возбуда заборавив да земам камче од плажата, што е традиција за тие што ќе стигнат до францускиот брег - ни изјави Евгениј Поп Ацев.

Засега Поп Ацев нема некој план или предизвик за следната година.

- Овој период планирав да се фокусирам повеќе на фамилијата и на професионалниот живот надвор од пливањето, но би сакал и во иднина да си поставам некоја слична цел зашто навистина уживав во пливањето, подготовките и целиот пат и процес до реализирањето на овој подвиг - додава Евгениј.



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.