„Гугл“ почнува да наплаќа сѐ освен најосновните модели на „Џемини“
Промените во системот „Џемини“ носат дополнителни ограничувања на моделите и користењето за бесплатните корисници, како и премин на пресметка на лимитот заснована врз потрошувачката на компјутерски ресурси на секои пет часа.
На своите страници за поддршка „Гугл“ најави дека овој месец носи значителни измени во достапноста на своите ВИ-модели во рамките на апликацијата „Џемини“ за приватните корисници. Најголемата промена со сигурност ќе ја почувствуваат корисниците на бесплатниот пакет, кои го губат пристапот до моделите Флеш и Про и во иднина ќе бидат пренасочени исклучиво на верзијата Флеш-лајт на актуелниот јазичен модел – која е добра само за навистина основни дејства. За сè понапредно од тоа, ќе биде неопходно да се плаќа некоја од достапните претплати.
Бесплатно само Флеш-лајт
Корисниците со најевтината претплата, ВИ плус, исто така ќе останат без моделот Про и ќе им биде достапна само стандардната верзија на моделот Флеш, додека правото на користење на напредните модели Про го задржуваат само претплатниците на највисоките пакети, ВИ про и ВИ ултра. Тие промени ќе почнат да се применуваат на 9 октомври за корисниците без претплата. Корисниците со претплата на ВИ плус би требало да примат е-пошта со објаснување кога тие промени ќе стапат во сила за нив, велат од „Гугл“.
Објавија и табела која ја појаснува новата структура:
Покрај промените во пристапот до моделите, се воведува и можност за избор на нивото на извршување на задачите (т.е. количината на „размислување“) за секој достапен модел, во опсег од ниско до високо. Изборот на повисоко ниво ќе ја зголеми способноста на моделот за решавање сложени упатства и давање подетални одговори, но истовремено и побрзо ќе го троши доделениот лимит. Корисниците на претплатите ВИ про и ВИ ултра дополнително добиваат пристап до опцијата Дип тинк, наменета за напредно паралелно заклучување.
Приспособување на лимитот за потрошувачка
Новиот систем на лимити за потрошувачка ќе се заснова врз потрошувачката на компјутерски ресурси. Лимитите се обновуваат на секои пет часа, сè до достигнување на максималната неделна граница. При пресметката на потрошувачката се земаат предвид три клучни елементи: сложеноста на задачите, користените функционалности и вкупната должина на разговорот.
Претплатничките пакети обезбедуваат поголем обем на ресурси во споредба со стандардниот модел за бесплатните корисници. Претплатниците на ВИ плус остваруваат двојно поголем лимит од стандардните корисници, додека пакетот ВИ про носи четирикратно поголеми лимити. Највисокото ниво на претплата, ВИ ултра, овозможува пет до дваесет пати поголеми лимити во однос на пакетот ВИ про, во зависност од избраната варијанта на претплата.
Фото: magnific