Научниците што стојат зад „оземпик“ би можеле да освојат Нобелова награда
Истражувањата на хормоните што го регулираат апетитот се споменуваат како можни кандидати за Нобеловата награда за медицина, која ќе биде објавена денес, со што започнува сезоната на доделување Нобелови награди за 2026 година.
Добитниците на шесте Нобелови награди – за медицина, физика, хемија, книжевност, мир и економија – ќе бидат објавени од 5 до 12 октомври.
Наградата за медицина би можела да им припадне на истражувањата што го трасираа патот за лековите за слабеење како што се „оземпик“ и „мунџаро“, изјавија за АФП експерти кои го следат доделувањето на Нобеловите награди.
Тоа би можело да ги вклучи истражувањата на микробиомот, откритието на хормоните лептин и грелин кои ги регулираат ситоста и гладот, како и истражувањето на хормонот што цревата го лачат по јадењето сигнализирајќи ситост – познат како „пептид 1 сличен на глукагон“ (ГЛП-1) – а кој го копираат лековите како „оземпик“.
-Постои голема веројатност Нобеловата награда да биде доделена за некој од тие трудови - изјави Дејвид Пендлбери, раководител на анализи на истражувања во компанијата за аналитика на податоци „Кларивејт“, која ги предвидува потенцијалните добитници на Нобеловата награда врз основа на бројот на цитати на нивните трудови.
-ГЛП-1 би го ставил на врвот на листата, токму поради неговото огромно клиничко влијание во целиот свет - изјави тој.
Многу научници дадоа значаен придонес во тоа подрачје, но тројца редовно се споменуваат како кандидати за Нобеловата награда: канадскиот ендокринолог Даниел Дракер, данскиот лекар Јенс Јул Холст и американската хемичарка со потекло од Македонија, Светлана Мојсов.
Наука за кожата или имунологија?
Доколку Нобеловиот комитет тргне во друг правец, истражувањето на матичните клетки за тоа како кожата се регенерира и ги лекува раните би можело да добие признание, а биологот Елејн Фукс и нејзината британска колешка Фиона Вот се препознаени како водечки во тоа подрачје.
Честа би можела да ѝ припадне на новата техника за снимање, наречена оптичка кохерентна томографија. Неинвазивната техника користи рефлектирана светлина за создавање слики со висока резолуција, пресеци на биолошки ткива, особено на мрежницата и оптичкиот нерв, што на лекарите им овозможува откривање и следење на болестите.
Уште едно подрачје што можеби го привлекло вниманието на комитетот за медицина е подрачјето на адхезивните рецептори во имунолошкиот систем, кои ги идентификуваше американскиот имунолог Тимоти Спрингер. Тие рецептори се молекуларни механизми на имунолошките клетки што им помагаат да се залепат за крвните садови, да влезат во ткивата и да стигнат до инфекциите.
Тие се клучни за насочување на имунолошката одбрана на телото и се цели на истражувањата за лекување неколку воспалителни и автоимуни болести. Истражувањата за ракот на дојката или за секвенционирањето на ДНК кои помогнаа во борбата против коронавирусот исто така би можеле да бидат наградени.
По наградата за медицина, во вторник ќе следува наградата за физика, а в среда за хемија. Името на добитникот на наградата за книжевност ќе биде објавено в четврток, а некои експерти сугерираат дека Шведската академија, по минатогодишната награда за Унгарецот Ласло Краснахоркаи, би можела да избере писателка, можно е од Латинска Америка.
Сите очи вперени во наградата за мир
Можеби со најголема нестрпливост се очекува наградата која се доделува в петок – Нобеловата награда за мир, единствената што се врачува во Осло. Некои експерти сметаат дека комитетот оваа година би можел да избере добитник околу кого постои широк консензус, откако минатогодишната добитничка, лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, предизвика контроверзии.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година интензивно лобираше за таа награда – Мачадо на крајот и му го врачи својот медал – а комитетот е свесен дека тој и овој пат внимателно ќе ја следи ситуацијата.
-Секогаш има многу лобирање, а на крајот можеби и обиди за вршење притисок врз комитетот - изјави секретарот на Нобеловиот комитет, Кристијан Берг Харпвикен,
Фото: magnific