Освои престижна книжевна награда, па откри дека користел „Чет-ГПТ“

Освои престижна книжевна награда, па откри дека користел „Чет-ГПТ“

Францускиот писател Филип Жанада, кој во вторникот ја освои престижната награда „Гонкур“ за романот „Непознатата жена од кејот Жавел“ (L'Inconnue du quai de Javel), откри дека при пишувањето на книгата трипати користел вештачка интелигенција. Во романот дури вметнал и една реченица што ја напишал „Чет-ГПТ“.

Гостувајќи во емисија на радиото „Франс интер“, 62-годишниот писател објасни дека го користел „Чет-ГПТ“ во три наврати, секојпат со различна намера. Првиот пат му послужил за своевидна игра со читателите. Во романот намерно вметнал реченица која ја генерирал „Чет-ГПТ“, но не откри за која реченица станува збор. Нејзината содржина им ја откри на членовите на жирито за наградата „Гонкур“, по еден ден откако беше награден.

Вториот пат го користел „Чет-ГПТ“ за, како што вели, малку да се пошегува на негова сметка бидејќи на едно техничко прашање му давал целосно бесмислени одговори. Третиот пат вештачката интелигенција му послужила за техничко истражување.

Не можеме да се преправаме дека вештачката интелигенција не постои


Жанада смета дека писателите не би требало да ги игнорираат новите технологии, но напомена и дека тие не смеат да ја заменат човечката креативност.

- Мислам дека не можеме да ја потиснеме вештачката интелигенција, не можеме да се преправаме дека не постои. Мораме да ја користиме, да ја прифатиме, да научиме да управуваме со неа и да не дозволиме да нè замени. Мора да биде корисна - порача тој.

Тој не криеше за користењето на ВИ од своите читатели. Во самиот роман, објавен уште во август, опиша како во текот на истражувањето разговарал со „Чет-ГПТ“ и „Клод“, па ги коментираше нивните одговори. Во книгата најави и дека една реченица презел од вештачката интелигенција, па ги предизвика читателите да ја пронајдат.

Неговиот роман се занимава со нерешено убиство на млада жена во Париз во 1949 година. Жанада е познат по книгите во кои истражува стари криминалистички случаи.

Друг писател остана без издавач поради вештачката интелигенција

Француската книжевна сцена последниве месеци ја тресе скандал поради писателот Телисон Орелиен, чиј роман беше меѓу фаворитите за овогодишниот „Гонкур“. Орелиен беше обвинет дека при пишувањето на романот во голема мера користел вештачка интелигенција, а во меѓувреме се појавија и обвинувања за плагирање на негови поранешни текстови.

Писателот демантираше дека го напишал романот со помош на ВИ, но призна дека ја користел за истражување. За поранешните случаи на плагијат се извини. Неговиот роман беше отстранет од изборот за „Гонкур“, а канадската издавачка куќа „Бореал“ ја раскина соработката со него.

Издавачот објасни дека анализата на работните верзии од ракописот открила траги од користење вештачка интелигенција, иако не било можно да се утврди во која мера таа учествувала во настанокот на книгата. За „Бореал“, според официјалното соопштение, пресудно било губењето на довербата откако писателот повеќепати тврдел дека не користел вештачка интелигенција.

Извор: tportal