„Тајниот агент“ - бразилски трилер кој не смеете да го пропуштите

„Тајниот агент“ - бразилски трилер кој не смеете да го пропуштите

На Ејч-би-о макс се прикажува бразилски трилер кој има две награди од Кан, два „Златни глобуси“ и четири номинации за „Оскар“.

Во рубриката скриени бисери на стримингот ги издвојуваме филмовите кои добиле високи оцени од критиката, а во морето од нови наслови и хитови лесно остануваат незабележани.

Трилер, црн хумор и малку надреално

Дејството на филмот „Тајниот агент“ започнува во 1977 година. Вдовец, експерт за технологија, со жолта „буба“ пристигнува во Ресифе, град на североистокот на Бразил, среде карневал. Се вратил по малиот син кој живее кај бабата и дедото и се надева дека таму ќе се крие додека не најде начин да ја напушти земјата. Набрзо сфаќа дека градот не е сигурно засолниште: некој од минатото сака да го убие, а полицијата на воената диктатура не е ништо подобра од платените убијци што му се зад петици.

Веќе првата сцена дава знак дека тоа ќе биде добар филм: на зафрлена бензинска пумпа лежи мртво тело, а двајцата полицајци што доаѓаат не ги интересира лешот, туку колку ситни пари и цигари можат да му земат на патникот. Филмот е мешавина од политички трилер, црн хумор и речиси надреални моменти, а повремено скока во сегашноста, каде што една студентка преслушува стари аудиоленти и се обидува да открие што му се случило на главниот јунак.



Што вели критиката

Критичарите се речиси едногласни. По американската премиера филмот на „Ротеј томејтос“ имаше 99 % позитивни критики од 88 рецензии. Во Кан освои награди за најдобра режија и најдобар глумец, како и награда од меѓународната критика ФИПРЕСЦИ. Доби и два „Златни глобуси“ за најдобар неанглиски филм и најдобар глумец во драма, како и награда „Индепендент спирит“ за најдобар меѓународен филм. На „Оскарите“ имаше четири номинации, вклучувајќи ги и оние за најдобар филм и најдобар глумец. Понекој рецензент му замерува на сложената, на моменти збунувачка структура, но и тие признаваат дека станува збор за заслепувачки добар филм.

Извор: magnet
Фото: принтскрин/јутјуб