Верувањето во маѓепсништво е пораспространето отколку што мислиме, покажува голема студија

Верувањето во маѓепсништво е пораспространето отколку што мислиме, покажува голема студија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Верувањето во маѓепсништво е широко распространето низ светот, покажува нова глобална студија во која биле вклучени повеќе од 140 илјади лица, но тоа варира од место до место.

Резултатите покажале дека околу милијарда луѓе во 95 земји веруваат во маѓепсништво, а се посочува и дека бројот може да е поголем.

Додека речиси секаде постојат луѓе што веруваат во некоја верзија на маѓепсништво (околу 40 отсто од испитаниците одговориле потврдно), локалната застапеност на верувањата варира. На пример, во Шведска само 9 отсто од учесниците истакнале дека веруваат во маѓепсништво, додека во Тунис дури 90 отсто одговориле потврдно.

Мапа на која е претставена преваленцијата на луѓе што веруваат во маѓепсништво

Авторот на студијата и економист Борис Гершман составил сет на податоци од лични и телефонски анкети направени во периодот меѓу 2008 и 2017 година од страна на Истражувачкиот центар „Пју“ и други професионални групи. Анкетите вклучувале прашања за верата и верувањето во маѓепсништво.

Гершман пишува дека испитаниците биле прашани дали веруваат во „зло око“ или идејата дека некои луѓе можат да фрлат клетва и магија поради што на некој му се случуваат лоши нешта.

Гершман утврдил дека 40% од испитаниците глобално рекле дека веруваат во описот на маѓепсништво кој им бил понуден. Ако се примени на вкупното население на земјите кои биле опфатени, тоа би се превело во околу 1 милијарда луѓе, пишува тој.

Студијата покажала дека лицата кои се пообразовани и имаат поголема економска сигурност помалку веруваат во маѓепсништво.

- Застапеноста на верувањата во маѓепсништво е систематски поврзана со голем број културолошки, институционални, психолошки и социо-економски карактеристики - вели авторот.

Покрај големината, студијата има и ограничувања, како што е недостигот на податоци од Кина и Индија, двете најнаселени земји на планетата.

Верувањето во вакви нешта сѐ уште доведува до конфликти во некои места, па нивното подобро разбирање, како и на нивниот социјален контекст, може да помогне во заштита на жените обвинети за маѓепсништво.

Студијата е објавена во списанието PLOS One.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay