Дали знаете каде се наоѓа едно од најголемите лизгалишта на отворено во Европа?
Лизгањето на отворено е составен дел од декемвриските собири низ целиот свет.
Лизгалиштето „Сити парк ајс ринк“ во Будимпешта се смета за едно од најголемите во Европа, а се работи за лизгалиште на отворено. Зафаќа неверојатни 12.000 квадратни метри и се наоѓа помеѓу Плоштадот на хероите и замокот Вајдахуњад во унгарската престолнина. Лизгањето тука почнало во 1870 година, па затоа се смета за едно од најстарите лизгалишта на отворено во Европа.
Особено е популарно кон крајот од календарската година и во пресрет на божиќните и новогодишните празници. Лизгалки може да се изнајмат за 8 евра по лице, а цената на билет за лизгање варира во зависност од возраста и времето од годината. Семеен билет за четири лица чини 20 евра, додека за 69 евра можете да добиете сезонски билет за еден возрасен со 10 вклучени посети на лизгалиштето.
Сепак, лизгалиштето во Будимпешта не е најголемото во Европа. Таа титула сè уште му припаѓа на московското лизгалиште, кое се наоѓа пред комплексот ВДНКх и зафаќа дури 20.000 квадратни метри - површина од 16 поврзани олимписки базени.
Најголемото лизгалиште во Европа може да прими околу пет илјади лизгачи истовремено. Билетите за возрасни може да се купат за 8 евра, ако ги резервирате преку официјалната веб-страница.
Најголемото отворено лизгалиште во светот е природно и се наоѓа во Канада. Поточно, тоа е каналот Ридо во Отава, кој замрзнува секој јануари и до март им дава можност на Канаѓаните да се лизгаат на лизгалиште долго 7,8 километри, со површина од 165.621 квадратни метри.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: YouTube screenshot