Михаил Стојковски има 14 години и е прв Македонец со шампионска титула на „Алпе Адриа мотокрос шампионатот“: „Мој идол е татко ми“
Михаил веќе шест години е активен мотокрос-возач. Од минатата 2024 година е државен шампион во класата MX85, а оваа година со освојувањето на шампионската титула на „Алпе Адриа шампионатот“ може да се издвои како единствен возач од нашата земја што ја има освоено оваа титула
Михаил Стојковски е мотокрос-возач, има 14 години и е еден од најмладите возачи на „МК ендуро тим Водно“ од Скопје. Во низата успеси последно се закити со шампионската титула на еден од најпрестижните мото-шампионати „Алпе Адриа мотокрос шампионат“.
По три извозени трки (БиХ, Хрватска и Србија), во конкуренција од 21 возач во класата MX85, Михаил Стојковски успеа да освои најмногу поени и со тоа да ја обезбеди титулата шампион за 2025 година во класата MX85. Ова е огромен успех за нашата земја, како и за клубот за кој настапува.
Прв Македонец со шампионската титула на „Алпе Адриа“
Михаил веќе шест години е активен мотокрос-возач. Од минатата 2024 година е државен шампион во класата MX85, а оваа година со освојувањето на шампионската титула на „Алпе Адриа“ може да се издвои како единствен возач од нашата земја што ја има освоено оваа титула.
- Јас сум прв Македонец со ваква титула и можам да кажам дека упорноста се исплати и еве ми донесе резултат. Самите подготовки и тренинзи во овој спорт се напорни. Еден ден возиш и тренираш на патека, а веќе наредниот дома на справи. Еден тренинг најчесто ми се состои од загревање со класични вежби, истегнување, потоа возење мотор четири серии по 25 минути со кратки паузи - ни сподели Михаил.
Најдраги титули ми се домашните победи
Тој редовно учествува на мотокрос-трки, а и често остварува импресивни резултати.
- Најдраги титули ми се домашните победи, поубаво е кога ќе победиш на домашен терен. Тука ќе ја вбројам и титулата државен шампион во Македонија и победата во „Алпе Адриа европскиот шампионат“ - истакна Михаил.
Од неговите досегашни искуства вели дека конкуренцијата на самиот почеток е голема. Најчесто стартуваат 30-40 натпреварувачи, но тој често завршува меѓу првите. Мотивацијата ја влече од позитивниот пример на неговиот татко. Успесите на неговиот татко го инспирираат и тој да се истакне со супер резултати во овој спорт.
- Мотивиран сум од мојот татко, кој исто така се натпреварува на сите натпревари каде што одиме. Од семејството ја добивам најголемата поддршка, тоа ме бодри да го извадам најдоброто од себе. И, секако, морам да го споменам претседателот на мојот клуб - вели Михаил.
Идолот му е неговиот татко, кој му е верна поддршка на сите натпревари.
- Возач кој ме мотивира е татко ми, кој секогаш е со мене на сите натпревари. Од наредната година преминувам во поголема класа, ќе возам МХ 2 јуниор 125. Веќе почнувам со тренинзи на поголем мотор - ни изјави Михаил.
Возењето мотор за него претставува вистинско задоволство. Ужива во секоја минута помината на моторот.
- Самите натпревари се вистински предизвик. Возењето мотор, уживањето во брзината не се опишуваат, можат само да се доживеат. Можам да кажам дека мотокросот првично е дисциплина, а потоа доаѓа уживањето во спортот. На секој ќе му се допадне овој спорт, треба само да се проба - додава тој.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.