Во свет оптоварен со технологија, науката покажува дека на мозокот му треба работа со раце
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во свет што се распаѓа во реално време пред нашите екрани, каде што и телефонот ни дише во вратот, а нотификациите ни го зголемуваат адреналинот како да живееме во постојана вонредна состојба, луѓето сè почесто бегаат кон едноставното. Кон тестото, кон иглата и конецот, кон дрвото, кон градината, кон звукот на ножиците и шушкањето на хартијата. Кога машината полудува, човекот се врти кон раката.
Можеби тоа и не е бегство, туку враќање кон нешто што смирува, забавува, го претвора хаосот во ритам. Во време кога „нормалното“ ја изгуби вредноста, занаетот станува терапија и прибежиште.
Нашиот мозок е жеден за фокус, тишина, ритуал, за нешто што самите ќе го создадеме. Можеби затоа лебот повторно мириса подобро од кога било, а иглата и конецот спасуваат повеќе души отколку што официјално ќе признаеме.
Во време кога постојано сме преокупирани со дигиталниот свет, сè повеќе луѓе се насочуваат кон едноставни, повторливи и смирувачки активности: плетење, хеклање, керамика, шиење, обработка на дрво, градинарство, готвење „од нула“. Тоа не е случајно. Науката со години предупредува дека токму овие активности се вентил за мозокот и начин да се избориме со стресот, анксиозноста и постојаната преоптовареност.
Ракотворбата како терапија
Уште од крајот на Првата светска војна занаетчиските активности биле составен дел од работната терапија за ветераните што се враќале од фронтот. Многумина ја наоѓале смиреноста во плетењето, ткаењето и ситните поправки. Рацете работат, главата се одмара.
Денес науката подетално објаснува зошто.
Големо меѓународно истражување меѓу плетачите покажало широк спектар на придобивки: опуштање, намалување на стресот, чувство на постигнување, поврзаност со традицијата, зголемена самодоверба, па дури и подобрување на концентрацијата и меморијата. Истото важи и за другите активности како кроење, везење, керамика и обработка на дрво. Кај возрасни лица носат ментална стимулација, чувство на смисла и радост, особено во зимските месеци. Кај лица со хроничен умор и депресија ја зголемуваат самопочитта и поврзаноста со светот.
Зошто ни е тоа толку потребно?
Истражувањата покажуваат дека благосостојбата не произлегува само од работата со раце, туку и од заедништвото што го создава таа работа. Занаетите се тивки, но длабоко општествени. Луѓето создаваат нови познанства, чувство на припадност, заеднички ритам. Тоа е особено важно за оние што се борат со осаменост, анксиозност, тага или болест.
Кога светот се забрзува, со рацете го забавуваме
Современата наука сè уште ги нема сите одговори, но она што го знаеме е јасно: занаетот нè поврзува со себе, со другите, со сопствениот здив и сетила. Нè потсетува дека телото е дел од нашето мислење, дека мирот не е луксуз, туку потреба, дека смислата понекогаш се обликува прст по прст, вез по вез.
Во свет кој постојано нè бомбардира со информации, конфликти и брзина, можеби најголемиот луксуз е токму она што лесно го отфрливме како застарено - тишината, ритамот, материјалот под прстите. Можеби иднината, ако сакаме да ја преживееме сегашноста, е во враќањето кон нешто што отсекогаш било наше.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik