Автономните автомобили би можеле да спречат над 1 милион повреди на патиштата низ САД до 2035 година

Автономните автомобили би можеле да спречат над 1 милион повреди на патиштата низ САД до 2035 година

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Автономните возила би можеле драматично да ги намалат сообраќајните несреќи и повредите на американските патишта. Врз основа на историски податоци и актуелни трендови, неодамнешна студија предвидува дека автомобилите што возат сами би можеле да спречат повеќе од 1 милион несреќи помеѓу 2025 и 2035 година, што резултира со намалување од 3,6 отсто на повредите поврзани со сообраќајот во текот на следната деценија.

Сообраќајните несреќи со моторни возила остануваат голема криза во јавното здравство во светот. Само во САД тие се водечка причина за смрт што одзема повеќе од 120 животи секој ден. Во 2022 година несреќите, исто така, резултирале со повеќе од 2,6 милиони посети на одделот за итни случаи за лекување повреди. Последиците од несреќите ја чинат нацијата повеќе од 470 милијарди долари во однос на медицински трошоци и изгубен економски потенцијал од прекинати животи.

Сепак, повеќето сообраќајни несреќи може да се спречат. Поголемиот дел од несреќите произлегуваат од човечка грешка или употреба на супстанции, како што е возење под дејство на алкохол. Намалувањето на овие ризик-фактори би можело значително да ја подобри безбедноста на патиштата, а истражувањата покажуваат дека усвојувањето целосно автоматизирани возила би придонело за тоа. Првичните наоди од компаниите за автономни возила како што е „Вајмо“ покажале дека автомобилите што се управуваат самостојно би можеле да ги намалат стапките на несреќи за 80 %, во споредба со возилата управувани од луѓе.

Предвидување на идните трендови со автомобили што се управуваат самостојно

Истражувачи од Канада одлучиле да најдат одговор на ова прашање. За целосно да го разберат влијанието на автономните возила врз бројот на повреди во сообраќајот, тие ги анализирале националните податоци за повреди во сообраќајот во САД, од 2009 до 2023 година, и ги искористиле за да ги проценат трендовите за 2025–2035 година, со примена на линеарен регресивен модел.

Нивното предвидување се потпирало на две главни прашања: Колку вкупно километри ќе поминат автономните возила? Колку се побезбедни автономните возила од луѓето?


Користејќи математичка крива на раст, за да предвидат реални модели на усвојување, тие тестирале четири нивоа на употреба на автономни возила во САД до 2035 година: 1 %, 2,5 %, 5 % и 10 % од сите поминати километри на патиштата. За безбедност, тие испитале сценарија во кои автономните возила се 50 % побезбедни од човечките возачи, како и оптимистичко сценарио - засновано на податоци од компании како „Вајмо“ - каде што автономните возила се 80 % побезбедни.

Тие откриле дека под претпоставки во кои автономните возила сочинуваат само 1 % од вкупните поминати километри и се само 50 % побезбедни од човечките возачи, би можеле да се спречат повеќе од 67.000 повреди. Под поповолни услови од 10 % усвојување на ваквите возила и 80 % безбедност, тие откриле дека бројот на избегнати повреди би можел да надмине 1 милион.

Иако наодите се ветувачки, тие бараат дополнително истражување бидејќи долгорочните податоци за безбедноста во реалниот свет се ограничени затоа што усвојувањето на автономните возила е во почетна фаза. Истражувачите забележале дека нивните процени ќе треба да се ажурираат како што ќе бидат достапни повеќе податоци. 

Извор: techxplore.com

Фото: Freepik