Која празнична храна им прави проблем на луѓето со камења во жолчката?

Која празнична храна им прави проблем на луѓето со камења во жолчката?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Камења во жолчката се тврди наслаги што се формираат во жолчното ќесе (мал орган под црниот дроб што складира жолчка) или во жолчните канали. Жолчката му помага на човекот да ги вари мастите. Со оглед на тоа што мастите не се мешаат со вода, која го сочинува поголемиот дел од содржината во цревата, главната улога на жолчката е разградувањето на мастите, односно таа дејствува како детергент - ги раствора мастите. Исто така, со помош на жолчката, телото се ослободува од одредени отпадни материи, првенствено билирубин, кој се создава со разградување на старите црвени крвни зрнца, и од вишокот холестерол од телото.

Како се формира камен во жолчката?

Жолчните камења се јавуваат кога составот на жолчката е нарушен, најчесто на еден од следниве начини:

- Ако има премногу холестерол во жолчката: ако црниот дроб лачи повеќе холестерол отколку што жолчката може да раствори, холестеролот се кристализира и со текот на времето се формира камен.


- Премногу билирубин: билирубинот е супстанција што се произведува со разградување на црвените крвни зрнца. Неговиот вишок може да доведе до пигментни камења.

- Слабо празнење на жолчното ќесе: ако жолчното ќесе не се празни редовно или целосно, жолчката се згуснува, што го фаворизира формирањето на камења.

Што е диета за жолчно ќесе?

Гастроентеролозите советуваат луѓето со жолчни камења да се придржуваат кон таканаречената билијарна диета или диета за жолчно ќесе, која не предвидува консумирање на храна што стимулира силни контракции на жолчното ќесе, првенствено масти, силни зачини и премногу шеќер. Некои од намирниците што треба строго да се избегнуваат или значително да се ограничат се животинските масти, како што се свинската маст и путерот.

Свинското, јагнешкото, дивечот треба да се избегнуваат, а и месото од гуска и патка треба да се избегнува исто така. Оваа листа вклучува и сушени месни производи како што се салама, колбаси, паштета. Гастроентеролозите нè потсетуваат дека млечната маст е честа причина за надуеност и болка. Лицата со жолчни камења треба да избегнуваат полномасни млечни производи, особено зрели и масни сирења како што се гауда, сирење бри, како и кисело млеко со висок процент на маснотии, слатка павлака, полномасно млеко...

Еден од најчестите предизвикувачи на болка се јајцата, а лекарите забележуваат дека треба да се избегнуваат пржени јајца, мајонез и филови на база на јајца. За разлика од жолчките, белките обично се побезбедни за консумирање.

Која храна треба да ја избегнува лице со камења во жолчката?

Доколку жолчното ќесе не е целосно здраво, совет е да се избегнува:

-пржена храна (пржени компири, пржено месо, крофни, палачинки пржени во многу масло), лиснато тесто, запршка, маргарин, масно црвено месо.

Иако зеленчукот е здрав, гастроентеролозите истакнуваат дека некои зеленчуци можат да предизвикаат притисок во абдоменот, што потоа го иритира жолчното ќесе:

-зелка, кељ, карфиол, кромид, лук, краставици, пиперка, грашок.


Покрај тоа, луѓето со камења во жолчката треба да избегнуваат незрело овошје и овошје со многу лушпа, јаткасти плодови, како што се ореви, лешници и бадеми. Што се однесува до зачините, се препорачува да не се консумира лута пиперка, бибер, рен и сенф. Исто така, треба да избегнувате многу ладна или многу топла храна и пијалаци, како и газирани пијалаци и алкохол.

Празнична храна што може да предизвика проблеми?

Празничните трпези во сите делови од светот се богати со разновидна храна, а таквата трпеза често е „темпирана бомба“ за луѓето со камења во жолчката. Главните иницијатори на каменот, односно главните предизвикувачи, се големи количини на заситени масти, кои го принудуваат жолчното ќесе на силни и болни контракции.

Меѓу јадењата што би можеле да ги расипат празниците се:

- печено свинско или јагнешко месо
-француска салата
-сарма

-Торти и колачи.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik