Му мавтате на возачот кој застанал да ве пропушти како знак на благодарност? Еве што тоа открива за вас

Му мавтате на возачот кој застанал да ве пропушти како знак на благодарност? Еве што тоа открива за вас

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кратко подигнување на раката, блага насмевка, кимнување со главата кон возачот. Ништо посебно, само мал знак на благодарност пред да продолжите по својот пат. Тој краток гест често доаѓа автоматски. Сепак, психолозите тврдат дека ваквиот мал ритуал на пешачки премин крие изненадувачки многу информации за тоа како се однесуваме едни кон други и каква личност избираме да бидеме во јавниот простор.

Скриената психологија зад краткото мавтање


Социјалните психолози го гледаат мавтањето како знак на благодарност и како облик на просоцијално однесување: убав гест кон другиот, иако од тоа нема директна корист. Возачот веќе застанал, а пешакот и онака има право на првенство. Нема никаква обврска, ниту потреба тоа да се надополни со гест на благодарност. Но кога луѓето, и покрај тоа, сепак ја креваат раката, тие создаваат мини социјален контакт. Ја забележуваат волјата на возачот да застане, покажуваат дека тоа го ценат и демонстрираат подготвеност за соработка во просторот што го споделуваат. Тука не станува збор за сообраќајни правила, туку за припадност кон заедница.

Научниците што ги следат секојдневните гестови на љубезност го поврзуваат овој облик на однесување со повисоко ниво на емпатија, емоционална регулација и чувство на колективна одговорност. Луѓето што им мавтаат на возачите почесто го доживуваат светот како место на споделување, а не како поле за натпреварување.

Какви луѓе обично им мавтаат на возачите?

Неколку црти на личноста кај пешаците што им мавтаат на возачите во знак на благодарност се појавуваат во истражувања за микрогестови на љубезност на јавни места.

Високо ниво на емпатија и способност да се гледа од туѓа перспектива

Психолозите ја опишуваат емпатијата како способност да се препознае како некој друг би можел да се чувствува и потоа да се приспособи сопственото однесување според тоа. На раскрсница, емпатичните луѓе ја замислуваат ситуацијата од перспектива на возачот: можеби чека долго, внимава на децата во автомобилот, се грижи да не задоцни, следи други возила и, покрај сè, одлучува да го пропушти пешакот. Затоа мавтаат. Не затоа што мораат, туку затоа што го препознаваат малиот напор што го вложил возачот. Тој дел од секунда „влегување во туѓи чевли“ резултира со гест на мавтање.

Немаат проблем со социјални контакти


Луѓето што мавтаат не чувствуваат непријатност при мали, нискоризични интеракции. Не им е потребен длабок разговор или продолжен контакт со очи на секој чекор, но не се ни „алергични“ на такви нешта. Мавтањето е некаде на средина меѓу тие две крајности: доволно социјално за да се чувствуваат како луѓе и доволно кратко за да се избегне каква било непријатност. За интровертите, мавтањето може да служи и како безбедна алтернатива на вербалното изразување благодарност. Овозможува љубезност без притисок да се зборува, особено кога сообраќајната бучава или лошото време ја отежнуваат комуникацијата.

Склоност кон соработка

Улиците често поттикнуваат конкурентно размислување: „победи“ го семафорот, биди побрз. Луѓето со поизразен соработувачки ментален склоп имаат тенденција да ги доживуваат улиците како нешто што сите го делат, а не како бојно поле. Во тој контекст, мавтањето станува симбол на тимска работа: ти застана за мене овој пат, следниот пат можеби јас ќе застанам за тебе или ќе одлучам да не поминам на жолто. Пешаците со ваков менталитет почесто ги почитуваат сообраќајните правила на раскрсниците, а возачите кои ја ценат соработката почесто застануваат навреме. Двете групи користат гестови, како мавтање или кимнување со главата, за меѓусебно да се координираат и да ја намалат напнатоста. Кога некој мавта во знак на благодарност, двете лица чувствуваат благо подобрување на расположението.


Што прави мавтањето со вашиот мозок и вашето расположение?

Невронаучниците сугерираат дека дури и мал гест на благодарност може да ја промени вашата внатрешна психичка состојба. Кога некој мавта во знак на благодарност, и двете страни доживуваат благо подигнување на расположението. Пешаците се чувствуваат помалку како анонимни тела на исцртани ленти, а возачите помалку како безлични управувачи на машини.

Овие мали моменти на социјална награда се поврзани со хемикалии како допамин и окситоцин. Со текот на времето, овие настани можат да го променат чувството на сигурност при движење низ градот. Улиците почнуваат да изгледаат помалку непријателски, а повеќе како заедничка дневна соба во која сите се почитуваат и ги следат правилата.

Краткорочни и долгорочни ефекти


Без благодарност - кога автомобилот ќе застане, а пешакот нема да покаже никаков знак, краткорочниот ефект е неутрален или благо напнат, а долгорочниот, зголемено чувство на анонимност и дистанца од околината.

Кратко мавтање во знак на благодарност - кога автомобил ќе застане и пешакот кратко ќе мавне, краткорочниот ефект е мала „инјекција“ на позитивна емоција, а долгорочниот е посилно чувство на локална заедница.

Мавтање со насмевка и кимнување - кога автомобилот ќе застане и пешакот ќе мавне, ќе се насмевне и ќе кимне со главата, краткорочниот ефект е поголемо чувство на поврзаност, а долгорочниот поголема доверба меѓу луѓето во сообраќајот.

Зошто некои луѓе одбиваат да мавтаат?


Секако, не сите ја креваат раката. Некои истакнуваат дека возачите само го прават она што мораат по закон, па затоа нема потреба да им се заблагодаруваат. Други чувствуваат непријатност или едноставно не размислуваат за тоа. Стресот, заморот и лошото време исто така може да ги „запрат“ убавите социјални гестови.

Психолозите забележале дека луѓето со изразено чувство за сопствени права се помалку склони да се заблагодаруваат. Ако пешачкиот премин на раскрсница го гледаат исклучиво како свое право, благодарноста не се вклопува во таа слика. За нив, улицата е повеќе систем на правила што треба да се користи и почитува отколку заеднички простор во кој има место за договор и соработка.

Извор: Zivim.jutarnji.hr
Фото: Freepik