Нови докази дека мобилните телефони не се поврзани со појава на рак

Нови докази дека мобилните телефони не се поврзани со појава на рак

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Најновиот систематски преглед нарачан од Светската здравствена организација (СЗО) не најде врска помеѓу изложеноста на радиобрановите и разните видови рак, вклучувајќи леукемија, лимфом, рак на тироидната жлезда и орален карцином. 

Ова е втор систематски преглед под покровителство на СЗО кој ја проучува врската помеѓу мобилните телефони и ракот. Првиот, објавен минатата година, ја истражуваше поврзаноста помеѓу мобилните телефони и ракот на мозокот и другите видови рак на главата и исто така не најде никаква врска.

Достапни докази

Тековниот систематски преглед ги проценува сите достапни докази за поврзаноста помеѓу мобилните телефони, предавателите на мобилни телефони и професионалната изложеност на различни видови рак.

- Иако овој систематски преглед не најде врска помеѓу изложеноста на радиофреквенција и различни видови рак, вклучувајќи леукемија, лимфом, рак на тироидната жлезда и рак на усната шуплина, не можеме да бидеме сигурни во овие резултати, во споредба со претходните систематски прегледи за рак на мозокот. Тоа е така затоа што нема толку многу докази кои ги поврзуваат овие видови рак со изложеноста на радиобранови од безжичната технологија - истакнал водачот на истражувањето Кен Карипидис од Австралиската агенција за заштита од радијација и нуклеарна безбедност.

5.000 студии


Овој систематски преглед разгледал повеќе од 5.000 студии и вклучил 26 во финалната анализа. СЗО во моментов подготвува ажурирана процена на здравствените ефекти од изложеноста на радио бранови.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik