Психологијата на моменталната поврзаност: Зошто веднаш „кликнуваме“ со некои луѓе?

Психологијата на моменталната поврзаност: Зошто веднаш „кликнуваме“ со некои луѓе?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Понекогаш ќе запознаете некого и веднаш ќе почувствувате дека можете да комуницирате без да вложите никаков напор. Може да биде нов колега, случаен соговорник или дури и човек со кој разменувате неколку збора во лифт, а сепак ве поврзува некаква невидлива нишка. Најверојатно, истото сте го почувствувале и со вашите најблиски пријатели или со партнерот уште при првата средба. Но, зошто се случува ова? Еве неколку можни одговори, според истражувањата во психологијата на меѓучовечките односи.

Невронска синхронизација

Нашиот мозок можеби игра поголема улога во ова отколку што мислиме. Во едно истражување спроведено на колеџот „Дартмут“ во 2018 година, 42 учесници гледале кратки видеа додека научниците ја следеле нивната мозочна активност со фМРИ скенер. Резултатите покажале дека луѓето што се блиски имаат слична мозочна активност, особено во деловите одговорни за обработка на емоции, селективно внимание и препознавање на мислите и состојбите на другите.

Според Талија Витли од „Дартмут“, луѓето од иста социјална мрежа покажуваат слични модели на мозочна активност кога обработуваат приказни. Дури и кај непознати лица, оваа синхронизација може да предвиди дали ќе сакаат повторно да се сретнат. Ова откритие е поврзано и со претходни истражувања кои покажуваат дека луѓето што несвесно користат исти гестови полесно „кликнуваат“. Колку подолго комуницираат, толку повеќе се усогласуваат и на невронско и на однесувачко ниво.

„Зборуваат“ на ист јазик

Начинот на кој зборуваме, а не само што кажуваме, може да биде клучен во создавањето моментална поврзаност. Истражувањата за усогласеност во јазичниот стил покажуваат дека луѓето кои несвесно го одразуваат јазичниот стил на соговорникот чувствуваат поголема блискост, дури и при првата средба.

Усогласеноста во јазичниот стил не се однесува на содржината на разговорот, туку на тоа како ја конструираме реченицата – како ги користиме зборовите како „и“, „на“, „тоа“ и „во“. Истражување открило дека паровите со висока јазична усогласеност имале многу поголеми шанси да покажат заемна романтична заинтересираност отколку оние со помала усогласеност. Дури и кога луѓето доаѓаат од различни средини, ако несвесно усвојат сличен стил на говор, тоа создава чувство на природна поврзаност и ја зголемува веројатноста за понатамошен контакт.

Сличните се привлекуваат


Луѓето користат разни сигнали за да откријат дали споделуваат слични карактеристики – било да е тоа возраст, социјална класа, ниво на образование или културна припадност.

Истражувањата покажуваат дека луѓето почесто „кликнуваат“ со оние со кои чувствуваат заеднички идентитет, бидејќи сличноста носи чувство на разбирање и припаѓање.

privrzanost
Фото: Freepik

Понекогаш запознаваме некого во момент кога сме ранливи; можеби минуваме низ тежок период или соработуваме на важен проект, или заедно поминуваме низ предизвици. Овие ситуации создаваат посебен вид блискост. Психолошките истражувања покажуваат дека споделувањето такви искуства нè тера да се чувствуваме сфатени, сигурни и поврзани.

Хуморот зближува


Смеењето не е само знак дека нешто е смешно – тоа е социјален сигнал. Кога двајца заедно се смеат, тоа создава илузија дека имаат многу повеќе заедничко отколку што можеби навистина имаат.

Истражување на Робин Данбар од „Оксфорд“ покажало дека луѓето со слично чувство за хумор имаат поголема веројатност да си помагаат еден на друг во иднина. Друго истражување на Универзитетот во Северна Каролина вклучувало набљудување на странци додека гледале видеа – истражувачите следеле дали се смеат, дали само се насмевнуваат или остануваат неутрални.

Резултатите покажале дека луѓето што заедно се смееле имале посилно чувство на поврзаност и биле посклони да сакаат повторно да се видат.

- Кога луѓето заедно се смеат, тоа сигнализира дека го гледаат светот на ист начин и моментално ја зголемува нивната поврзаност - објаснува социјалниот психолог Сара Алго.

Извор: Psychologytoday.com
Фото: Freepik