Електронски врати на влезовите, дел од собите со сопствени тоалети, а ќе има и менза, пекарница и слаткарница - вака ќе изгледаат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Двата државни студентски дома што се реновираат - „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје не само што ќе бидат најмодерни на овие простори и енергетски ефикасни, туку ќе им овозможат и безбедност на студентите што ќе престојуваат во нив, вели Александар Каровски, директор на Државниот студентски центар - Скопје.
- Во двата дома ќе има електронски врати на влезовите со цел електронска евиденција, а во домот „Кузман Јосифовски-Питу“ ќе има и картичка за секоја соба за вклучување на електричната енергија - вели Каровски.
Реконструкцијата на домовите почна во октомври 2024 година, а според најавите, се очекува, комплетно реновирани, вратите за студентите да ги отворат во септември 2026 година.
- Реконструкцијата на домовите, динамиката и реализацијата на проектот се во надлежност на Министерството за образование и наука. Според информациите што ни се пренесени преку работни состаноци со изведувачот и проектната единица од МОН, двата дома ќе бидат пуштени во употреба на почетокот од новата академска година - вели Каровски.
Како ќе изгледаат реновираните соби?
-Ќе бидат со нов инвентар, ќе бидат најмодерни на овие простори. Некои соби ќе бидат со сопствени, а некои со заеднички тоалети. Поточно, во „Стив Наумов“ собите ќе бидат со два и три кревети, а во „Кузман Јосифовски-Питу“ ќе бидат со еден кревет и заеднички тоалети, освен апартманите кои ќе имаат сопствени тоалети и два кревета - додава Каровски.
Бифето и мензата во „Стив Наумов“, иако се во посебни згради, исто така се опфатени со реновирањето. Во домот е предвидено да има менза, слаткарница и пекарница за потребите на студентите.
-За продавници, места за забава, клубови ќе разговараме откако ќе ни бидат предадени домовите во употреба. Во зависност од капацитетите што ќе ни бидат на располагање, ќе направиме програма за културно-рекреативни активности на студентите - вели првиот човек на Државниот студентски центар.
Домовите ќе имаат и нови читалници, а заедно со сите други подобрени услови за престој се очекува да претставуваат дополнителен стимул за учење на студентите.
Енергетски ефикасни домови
Ова ќе бидат енергетски ефикасни објекти. Реконструкцијата опфаќа комплетна промена на водоводните и електричните системи со најсовремена опрема, замена на грејната инсталација, поставување енергетски ефикасна фасада и фотоволтаични панели на покривите за производство на електрична енергија. Со ова се очекува заштеда на електричната и топлинската енергија, а од друга страна, покомфорни услови за престој.
Проектот го реализира Министерството за образование и наука со поддршка од 20 милиони евра и 5 милиони евра грант преку WBIF Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
Реновирани државни домови се спас од високите кирии во Скопје
Реновирањето на државните студентски домови и овозможувањето квалитетни услови за престој се од огромно значење за студентите што студираат во Скопје, а се од други делови на Македонија. Месечната цена за сместување и исхрана во нив изнесува помалку од 7.000 денари, од кои половината ги партиципира државата, па останува студентот да плати околу 3.400 денари. Тоа е за седум пати пониска цена во споредба со сместување во приватен стан.
Во Скопје посолидно опремен стан од околу 50 квадратни метри, во кој би можеле да се сместат двајца студенти, се изнајмува по 350 евра. По студент доаѓа кирија од 175 евра или над 10.700 денари. Ако се додадат и режиските трошоци од околу 3.000 денари по студент, па храна околу 15.000 денари, месечниот издаток е околу 25.000 денари, или повисок од минималната плата во Македонија. Оттука, реновираните домови и доволниот број легла во нив ќе ослободат голем број семејства од високите трошоци, а ќе ги поттикнат и студентите да размислат за студирање дома наместо да бараат стипендии за странство.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.