Јапонците направија двокатна куќа со 3Д-печатач која е отпорна на земјотреси

Јапонците направија двокатна куќа со 3Д-печатач која е отпорна на земјотреси

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Првата двокатна куќа направена со 3Д-печатач, дизајнирана да издржи силни земјотреси, е претставена во Јапонија и претставува значаен чекор во развојот на отпорна и иновативна градба. Овој проект не само што ги поместува границите на технологијата за 3Д-печатење во градежништвото, туку нуди и потенцијално решение за брза и безбедна градба во сеизмички активни подрачја.

Проект „О хаус“ - револуција во градежништвото

Станува збор за проект наречен „О хаус“, лоциран во префектурата Мијаги. Оваа куќа од приближно 50 квадратни метри е првата 3Д-печатена армирано-бетонска зграда, лиценцирана според строгите сеизмички стандарди на Јапонија. Нејзиниот „пештерски“ дизајн со заоблени ѕидови не е само естетски избор, туку и клучен елемент што овозможува подобра распределба на силите за време на земјотрес.

Структурата на куќата е хибридна и комбинира 3Д-печатени бетонски ѕидови со конвенционална армирана челична рамка за да се обезбеди максимална стабилност. Технологијата за 3Д-печатење ја обезбедила данската компанија „КОБОД интернешнл“, глобален лидер во оваа област. 

Дизајн и функционалност инспирирани од природата

Дизајнот на куќата „О хаус“ е инспириран од геометријата на природните пештери, со акцент на закривени ѕидови и лакови.  Иако е нова естетика, таа ја нагласува иновативноста на самиот процес на градење.

И покрај компактната површина од 50 квадратни метри, просторот е функционално распореден на два ката. Приземјето е наменето за спална соба и бања, додека на првиот кат се сместени кујната, трпезаријата и дневната соба. 

 

Овој проект ја става Јапонија рамо до рамо со глобалните лидери во 3Д-печатената конструкција. Слични, но помалку сеизмички отпорни проекти веќе постојат, како што е населбата Волф Ранч во Тексас, која се состои од сто 3Д-печатени куќи.

Затоа, успехот на проектот „О хаус“ во исклучително кревка област се смета за револуционерен чекор напред. Јапонската влада размислува да ја користи оваа технологија за брзо градење засолништа и инфраструктура по природни катастрофи. 

Извор: 24sata.hr

Фото: cobod.com screenshot